НДМ поднесе Декларација за осуда на ултиматумот од ЕУ за промена на името


25.12.2013 | 00:54:33 | Соопштенија


НДМ поднесе Декларација за осуда на ултиматумот од ЕУ за промена на името

НАРОДНО ДВИЖЕЊЕ ЗА МАКЕДОНИЈА, денеска, 25.12.2013 година (среда) во Собранието на Република Македонија поднесе Предлог-декларација за осуда на политичкиот ултиматум од последниот Самит на ЕУ од 20.12.2013 за промена на македонското име во замена за старт на пристапните преговори со Унијата.

Лидерот на НДМ, д-р Јанко Бачев во изјава за медиумите изрази надеж дека пратениците во македонскиот парламент ќе бидат на висина на својата одговорност и ќе ја усвојат предложената декларација со која ќе го оценат за неприфатлив и ќе го отфлат Заклучокот на Европскиот совет на Европската унија усвоен во Брисел на 20 декември 2013 година,  што се однесува на изнаоѓање на взаемно прифатливо решение во спорот за името во замена за добивање на датум за започнување на преговори за прием на Република Македонија во членство во Европската Унија.

Крајно понижувачки е притисокот врз Република Македонија за прифаќање на непристоен пазар „датум за преговори за членство во замена за ново име„ при што се бара од Република Македонија да направи невозможна отстапка, односно, да го промени своето име за некакво обично ветување дека во некоја иднина ќе стане членка на Европската унија, иако таквото ветување само по себе е неизвесен факт, необврзувачка изјава и претпоставка, која, прашање е дали може со сигурност да се тврди дека во некоја иднина и навистина би се остварила – рече Бачев.

Изјавата на д-р Бачев за медиумите може да ја видите на следните линкови:

http://telma.com.mk/index.php?task=content&cat=1&rub=15&item=33486

file:///C:/Users/Janko/Desktop/narodnoto-dvizenje-na-makedonija-podnese-predlog-deklaracija-do-sobranieto.htm

">

http://kurir.mk/makedonija/vesti/142233-Predlog-deklaracija-za-osuda-na-politickiot-ultimatum-od-posledniot-Samit-na-EU

Интегралниот текст на Предлог декларацијата гласи:

Врз основа на член 68 став 2 од Уставот на Република Македонија, расправајќи по Заклучокот на Европскиот совет на Европската Унија, усвоен во Брисел на 20 декември 2013 година што се однесува на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на ______ година, ја донесе следнава

Д Е К Л А Р А Ц И Ј А

1. Собранието на Република Македонија го оценува за неприфатлив и го отфла Заклучокот на Европскиот совет на Европската унија усвоен во Брисел на 20 декември 2013 година,  што се однесува на изнаоѓање на взаемно прифатливо решение во спорот за името во замена за добивање на датум за започнување на преговори за прием на Република Македонија во членство во Европската Унија.

Со прифаќање на ваквиот став, макар и привремено, кој во суштина претставува политичко-дипломатски ултиматум од страна на ЕУ за промена на уставното име на Република Македонија,  се прави преседан со исклучиво тешки меѓународни последици.

Со ваквиот едностран притисок врз Република Македонија да се откаже од своето име во замена за неизвесен факт и обично ветување од Европската унија на датум за отпочнување на преговори за идно неизвесно членство на Република Македонија во Европската унија за кое не може со сигурност да се тврди дека и ќе се реализира, длабоко се навредуваат македонските граѓани и притоа Република Македонија се става во непримерна ситуација да биде посрамена, поразена и со уништено достоинство.

2. Собранието на Република Македонија ги поздравува залагањата на Европската Унија што се во насока приемот на одредена држава во членство на Унијата да се вреднува поединечно и согласно принципите на европската идеја и интеграција, заради што, Република Македонија не може да се условува со менување на елемент од нејзината правна личност пред добивање на датум за преговори, односно, таквиот дополнителен услов за промена на нејзиното име не е во согласност со досегашните јавно презентирани јасни определби и ставови на Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија и Владата на Република Македонија и притоа сметаме дека со непримерниот ултиматум грешката со распарчувањето на Македонија само се повторува, но со можни покатастрофални последици.

3. Со пренесувањето на дел од својот суверенитет во Демократска Федеративна Југославија, Федеративна Народна Република Југославија и Социјалистичка Федеративна Република Југославија, врз основа на правото на самоопределување, Република Македонија е меѓународен субјект со јасно изразено и признато име, суверенитет и територијален интегритет и како таков субјект е рамноправен правен наследник на СФРЈ, прифатен на Конференцијата за Југославија на Европската заедница востановена токму со Декларацијата на Европската заедница донесена во Брисел на 27 август 1991 година и во нејзините документи.

4. Собранието на Република Македонија со Декларација од 17 септември 1991 година, ја потврди волјата на граѓаните на Република Македонија изразена на Референдумот од 8 септември истата година, во која тие се определија за самостојна и суверена држава под името Република Македонија, што се изрази и со Уставот на Република Македонија донесен на 17 ноември 1991 година. Во овие документи се истакнува дека Република Македонија ќе се залага за доследно почитување на принципите на меѓународните односи содржани во документите на ООН, Завршниот документ од Хелсинки и Париската повелба на КЕБС.

5. За легитимноста и оправданоста на своето барање да биде нарекувана под името Република Македонија, засновано врз Декларацијата за меѓународно признавање, Република Македонија доби и официјална потврда во Мислењето број 6 на Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија на Европската заедница од 11 јануари 1992 година во кој е заземен ставот дека „Република Македонија ги исполнува условите од Насоките за признавање на новите држави во Источна Европа и во Советскиот Сојуз и Декларацијата за Југославија усвоени од Советот на Европската заедница на 16 декември 1991„, како и дека „употребата на името Македонија не содржи какви и да е територијални претензии кон друга држава„.

Впрочем, за легитимноста и оправданоста на своето барање да биде призната под нејзиното уставно име, Република Македонија досега доби официјална потврда од 137 земји - членки на Обединетите нации како и од САД, Русија и Кина – три од постојните пет членки на Советот за безбедност на Обединетите нации.

6. Името Македонија е основа за името на еден народ - македонскиот, кој претставува мнозинство во Република Македонија и со неговото негирање се врши и дискриминација врз тој народ и сите граѓани кои живеат со него. Тоа не е во функција на обезбедување на мирен и стабилен сестран развој на Република Македонија и зачувување на нејзиниот суверенитет и независност.

7. Собранието на Република Македонија и натаму инсистира и бара од Европската унија, како и од останатите  држави од пошироката меѓународна заедница кои сеуште ја немаат признаено под нејзиното уставно име, Организацијата за европска безбедност и соработка и Организацијата на обединетите нации, меѓународно да ја признаат Република Македонија со нејзиното име и во постојните граници.

8. Изборот и усвојувањето на националното име, не е регулирано со меѓународни норми, ниту со мултилатерални или билатерални акти и спогодби. Прифатено е обичајното право, дека секој народ, секоја нација има право самата да го избере и носи своето име. Оттука, никој нема право да обвини една држава и да го оспорува националното име, и затоа и не постои институција до која може да се упати вакво обвинение.

9. Оваа декларација да се објави во „Службен весник на Република Македонија„.

О б р а з л о ж е н и е

Сведоци сме дека на 20 декември 2013 година, Европскиот совет на Европската унија во Брисел, разгледувајќи ја препораката од Европската комисија на Европската унија за утврдување на датум за старт на пристапните преговори со Република Македонија, се повеќе го зголемува едностраниот притисокот само врз Република Македонија да го смени своето вековно и уставно име. Крајно понижувачки е притисокот врз Република Македонија за прифаќање на непристоен пазар „датум за преговори за членство во замена за ново име„ при што се бара од Република Македонија да направи невозможна отстапка, односно, да го промени своето име за некакво обично ветување дека во некоја иднина ќе стане членка на Европската унија, иако таквото ветување само по себе е неизвесен факт, необврзувачка изјава и претпоставка, која, прашање е дали може со сигурност да се тврди дека во некоја иднина и навистина би се остварила.

Затоа, НДМ со предложената декларација бара енергично да се отфрли ултиматумот од европските авторитети за промена на уставното име, бидејќи со таквите залагања се прави преседан со исклучиво тешки меѓународни последици.

Притоа, сметаме дека со усвојување на предложената декларација ќе испратиме порака за силно македонско обединување без оглед на националната припадност дека нема менување на името, и дека за тоа никој нема право, во име на генерациите што заминаа, ниту пак, за оние што доаѓаат. Дотолку повеќе, Републиката ќе ја избегне непријатната ситуација да биде посрамена, поразена и со уништено достоинство.

Се разбира,  моменталниот ултиматум за промена на нашето име во никој случај нема да не обесхрабри и да не наведе на неевропско однесување, бидејќи овој ултиматум за нас претставува само моментален пораз на принципите на европската идеја и интеграција и ако некој со тој политички калкулаторски ултиматум загубил, тоа е европската идеја, филозофија и интеграциските процеси. Нашата политика за респектирање на демократските норми на Европската Унија оди понатаму, иако во моментот токму Унијата е таа што на секој чекор ги гази тие демократски норми.

Во актуелниот миг, предложената декларација е во насока да се одговори со едно единствено, големо и чисто НЕ за промена на името - Република Македонија. Во овој контекст, неприфатлив е и одговорот дека за името на државата може да реши само народот на референдум затоа што македонскиот народ не треба да се става на референдумско искушение, бидејќи никој нема право да одлучува за промена на името на државата, односно, кој може да го даде правото токму на оваа генерација Македонци, да решаваат во име на генерациите кои се заминати и во име на генерациите кои допрва треба да дојдат? Во овој судбоносен момент потребно е само апсолвирање на простата вистина дека добила или не датум за преговори со ЕУ,  Република Македонија живее и ќе живее.