За предавствата – Тишина, Единствена Македонија удри по актерите во 2001


16.08.2026 | 14:31:02 | Соопштенија


За предавствата – Тишина, Единствена Македонија удри по актерите во 2001

Единствена Македонија реагира на, како што наведува, манипулациите што се прават по повод 25-годишнината од Рамковниот договор од страна на дел од актерите инволвирани во Татковинската војна во 2001 година.

Деновиве слушнавме различни интерпретации од Али Ахмети, Мендух Тачи, Љубчо Георгиевски, Владо Бучковски и други актери од тој период. Секој од нив ги презентира настаните низ сопствена, субјективна призма и на начин што најмногу му одговара.

Но, за она што е суштински важно - политичките сценарија и предавства во текот на воената 2001 година, поради кои гинеа македонски бранители и поради кои Македонија излезе посрамена и понижена - владее тишина.

Македонија и денес ги чувствува последиците од внатрешните предавства и политички сценарија на клучните македонски актери во тој период, особено на Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски поради нивната залуденост за власт, моќ и профит.

Се крие дека македонските безбедносни служби располагале со информации за ОНА уште од почетокот на конфликтот - за бројот од 500-600 припадници кои се одметнале во планините, нивното движење, позициите и активностите. Прашањето што останува без одговор е зошто не беа решени на почеток и чии домашни предавства и политички сценарија влијаеле врз текот на настаните.

Наместо денес да слушаме селективни и субјективни толкувања на 2001 година, народот заслужува одговори за суштината - што навистина се случувало зад политичката сцена, какви сценарија биле договарани и дали имало преавства што директно влијаеле врз судбината на државата и нејзините бранители.

Вистината за воената 2001 година не смее да се сведе на лични интерпретации на нејзините актери. Македонија заслужува целосна вистина за настаните, одлуките и одговорноста, бидејќи последиците од таа војна и денес ја определуваат политичката, безбедносната и националната реалност на државата. И најбитно, сето тоа е документирано во македонската Служба за државна безбедност.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, недела, 16 август 2026 година