Охрид пред црната листа на УНЕСКО поради дивоградби - Единствена Македонија бара конфискација на хотелот на Мијалков


19.07.2026 | 15:55:00 | Соопштенија


Охрид пред црната листа на УНЕСКО поради дивоградби - Единствена Македонија бара конфискација на хотелот на Мијалков

По информациите дека Охридскиот Регион се соочува со сериозна опасност да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО, како и по барањето на Владата за шестгодишен период за исполнување на забелешките за заштита на регионот, Единствена Македонија бара итно и решително преземање конкретни мерки за расчистување на состојбите.

Како партија која се залага за заштита на националните интереси, владеење на правото и еднаков третман пред законите, бараме отворање постапка за конфискација на хотелскиот комплекс на Сашо Мијалков во Охрид.

Според укажувањата на повеќе граѓански организации и активисти од Охрид, спорните градби и урбанистичките интервенции се меѓу причините за загриженоста поврзана со заштитата на Охридскиот Регион. Тие токму хотелскиот комплекс на Сашо Мијалков го посочуваат како еден од најконтроверзните објекти поради градбатавон законските правила и неговото влијание врз заштитеното подрачје.

Единствена Македонија смета дека државата мора да покаже решителност и да докаже дека нема недопирливи поединци, без разлика на нивното политичко или економско влијание.

Конфискацијата на имот за кој ќе се утврди дека е стекнат спротивно на законските прописи не смее да биде условена од политички влијанија, ниту пак зависи од претходни законски измени кои овозможија застарување на дел од кривичните постапки поврзани со одредени лица.

Особено треба да се има предвид дека евентуалното постоење на застареност на конкретни кривични дела не значи автоматски дека не постојат други законски механизми за проверка на потеклото и законитоста на стекнатиот имот. Постапки за конфискација може да се разгледуваат согласно важечките закони и независно од исходот на одредена кривична постапка.

Ја повикуваме Владата, во периодот што го побара од УНЕСКО, да покаже дека има вистинска политичка волја за заштита на Охридскиот Регион и дека интересот на светското наследство е над интересите на поединци.

Најсилна порака до граѓаните и до меѓународната јавност би било државата да започне со расчистување на најспорните случаи како што е случајот со хотелот на Мијаков и да покаже дека законите важат еднакво за сите. Заштитата на Охрид и неговото светско наследство мора да биде над секој личен, бизнис или политички интерес.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, недела, 19 јули 2026 година.