700 евра наспроти милиони - Единствена Македонија тврди дека новите изборни правила ги бришат вонпарламентарните партии


01.07.2026 | 11:36:09 | Соопштенија


700 евра наспроти милиони - Единствена Македонија тврди дека новите изборни правила ги бришат вонпарламентарните партии

Партијата Единствена Македонија реагира на предложените измени на Изборниот законик со кои, според нив, се воведуваат дискриминаторски правила во делот на државното финансирање на политичките субјекти за време на изборната кампања.

Од партијата оценуваат дека новите решенија нема да обезбедат фер изборен процес, бидејќи, како што наведуваат, вонпарламентарните партии недозволиво и противуставно се ставаат во иста категорија со независните листи, иако станува збор за различни учесници на изборите според законската регулатива.

„Со ваквиот пристап, де факто се укинуваат вонпарламентарните партии, бидејќи се изедначуваат со независните листи“, велат од Единствена Македонија.

Партијата посочува дека според постојната законска формула за дваесетдневната изборна кампања, одредени политички партии добиваат значително поголеми средства за изборно рекламирање. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН добиваат за рекламирање околу 3,2 милиони евра, додека Левица и ЗНАМ би добиле околу 300 илјади евра. Останатите парламентарни партии без пратеничка група би добиле околу 200 илјади евра, а вонпарламентарните партии, кои се ставени во група со независните листи, само околу 42 илјади денари, односно приближно 700 евра.

„Како може да се зборува за фер избори кога најважниот сегмент од кампањата - изборното рекламирање и можноста учесниците да се претстават пред гласачите е поставен на крајно нерамноправни основи“, прашуваат од партијата.

Од Единствена Македонија оценуваат дека изборите може да се оценуваат само според тоа дали се спроведени во согласност со законите, но дека со вакви правила не може да се зборува за вистински фер изборен процес. Партијата повикува на разумни изборни правила и обезбедување еднакви услови за сите учесници, нагласувајќи дека станува збор за средства од државниот буџет.

„Или државните пари треба да бидат достапни за сите учесници под еднакви услови, или да не бидат достапни за никого“, порачаа од Единствена Македонија.

Доколку пратениците ги изгласат ваквите недозволиви, противуставни и антидемократски изборни правила со кои де факто се укинуваат вомпарламентраните партии, тогаш Единствена Македонија ќе го оспори законот пред Уставниот суд а истовремено ќе ги запознае релевантните меѓународни претставници за дискриманторскиот Изборен законик.

Центар з акомуникации на Единствена Македонија
Скопје, среда, 1 јули 2026 година.