Мицкоски да не ја повтори грешката на Глигоров


24.10.2025 | 23:37:00 | Колумни


Мицкоски да не ја повтори грешката на Глигоров

Колумна, Единствена Македонија   
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија     
Четврток, 24 октомври 2025 година 

Бугарскиот претседател Румен Радев ја повика Унгарија да ги убеди како што вели „нашите браќа“ во Скопје да ги вклучат Бугарите во уставот. Радев не е свесен колку е ова во корист на Македонија, се разбира, доколку власта во Скопје го апсолвира на вистински начин.

Своевидната посредничка улога што ја иницира Радев преку Унгарија треба од Македонија да се прифати со повратна иницијатива дека е дојдено време спротиставените интереси меѓу Бугарија и Македонија да не се решаваат парцијално (вметнување на Бугарите во уставот) туку интегрално (имало или немало во минатото и сега Македонци во Бугарија, дали ги уживаат правата, дали биле прогонувани, потеклото на Бугарите и Македонците на научно засновани докази и слично) со што се овозможува трајни, пријателски, па и  братски односи како милува да каже Радев.

Многу е веројатно една таква наша инцијатива за целосно решавање на спорните прашања Бугарија да ја одбие, и тогаш ќе се видат работите на отворена сцена, посебно во Брисел што е за нас посебно битно.

Поврзано со ова, во услови на политика на негирање на се што е македонско од Софија а притоа сите факти и докази на историска и меѓународно правно призната основа се на наша страна, тогаш, треба да користиме дипломатска тактика на доминантно објаснување, многу често на подрачјето на конфликтот, односно, со оглед на поволноста на аргументите наместо воздржаност - доминантно објаснување на процесот. Поврзано со ова, во оваа насока се иницијативата на Радев преку Унгарија и една повратна иницијатива од наша страна (преку Унгарија) за решавање на спорните прашања на целосна основа.

Важно, премиерот Мицкоски не треба да ја повтори грешката на Глигоров пред триесетина години во сличен случај.

Имено, после неуспешниот обид Македонија да добие признавање од ЕЗ и на состанокот од 11 и 12 декември 1992 година во Единбург, прашањето со македонското признавање беше префрлено во ООН.

Македонија на 30 јули 1992 упати писмо до генералниот секретар на ООН Бутрос Бутрос-Гали, со кое побара прием на Македонија во ООН. Барањето со месеци беше игнорирано од Организацијата, заради што Глигоров на 7 јануари 1993 упати формално (второ) барање до ООН во кое побара официјално разгледување на барањето на РМ од 30 јули 1992, за зачленување во ОН.

Меѓутоа, на 3 јануари 1993 година дојде неочекувана иницијатива од претседателот на Франција, Франсоа Митеран за формирање на меѓународна арбитража за македонско-грчкиот проблем.

Оваа иницијатива беше формализирана со писмото кое францускиот министер за надворешни работи, Ролан Дима, му го испрати на Киро Глигоров. Писмото беше добиено на 8 јануари и истиот ден Глигоров повратно во одговорот ја одби понудената арбитража. 

Според мене, во тој момент било подобро да се прифати француската арбитража, но со инсистирање од Република Македонија со арбитражата да бидат опфатени сите отворени прашања меѓу Република Македонија и Република Грција, како, на пример, организирањето на попис во Егејска Македонија под покровителство на Меѓународната заедница, за да се види дали има Македонци, доколку ги има - дали ги уживаат човековите права и фундаменталните слободи предвидени со меѓународните документи, кои патем се прифатени и потпишани од Грција, дали можат да ги посетуваат родните огништа во Егејска Македонија и своите имоти оставени во Република Грција по Граѓанската војна и слично.

Во согласност со ова, најверојатно, Република Грција ќе ја одбиеше арбитражата а светската јавност ќе се увереше дека името е само параван за грчката асимилаторска политика, односно зошто, всушност, Грција го оспорува државното име на Република Македонија?

Глигоров престојуваше во Париз, каде имаше разговори со министерот Ролан Дима и Бутрос Гали како генерален секретар на ОН. Бутрос Бутрос-Гали, на средбата со Глигоров во Париз на 15 јануари 1993 година, како и на средбата со министерот Денко Малески  во седиштето на ООН во периодот од 12 до 22 јануари 1993 година, кога Малески имаше  неколку средби и со претседавачот  на Советот за безбедност, со претставници на земјите-членки на Советот, им пренесе дека не можат да се добијат потребните гласови во Советот за прием со уставното име и затоа е подобро во тој момент да не инсистираме барањето за прием да биде ставено на дневен ред, бидејќи може да биде контрапродуктивно.

Притоа, Гали дури ги предупредил Глигоров и Малевски за последиците за името што сами ќе ги сносиме доколку по секоја цена инсистираме на прием во ООН во тој момент. Но Глигоров го направи спротивното, мотивиран од лични причини (имам пишувано опширно за ова) истраја до крај по секоја цена да влеземе во ОН без разлика со кое име и на крај бевем примени со срамната референца БЈРМ.

Според тоа, Македонија во врска со иницијативата на Радев треба да ја изрази својата волја за една иницијатива на ист начин преку Унгарија за конечно решавање на спротиставените интереси.

Со еден збор, потребна е реакција од наша страна вообичаена во ваква прилика за една суверена држава. Важно, сега во услови на притисок од Брисел барем уште еднаш да попуштиме (ставање на Бугарите во уставот) Мицкоски треба да знае дека цврстината и попуштањето имаат свое значење, но и манипулативен ефект. Времето на цврстината и мекоста  е важно кога да се остане цврст или кога да се попушти Односно да се остане цврст како стена кога тоа е потребно и да се биде фин и нежен во друг момент, но, ниеден од тие бирократите во Брисел да не можат да откријат кога доаѓаат тие моменти. Еден момент за власта во Скопје да биде фина и попустлива е иницијатива на Радев преку Унгарија  дека ја прифаќаме со дополнување ајде да го решиме интегрално прашањето што ги оптоварува браќата како што вели Радев.

За нас е особено важно добро да се разгледа, односно нашите овластени лица да се добро информирани околу фактите на проблемот, неговите корени, историјата, неговите промени и развиток. Тука само ќе кажам дека сите аргументи се на наша страна, посебно т.н. Бледски спогодби како меѓудржавни договори. Фактите ја вклучуват позиијата на секоја од страните, која мора да биде силно и јасно изразена. Темелно проучување на природата на конфликтот е дијагностичка фаза. Доколку паметно ги водиме чекорите, формулата на решавање на конфликтот на крај мора да биде - бугари во устав и македонско малцинство во Бугарија. Но за ова, треба знаење и искуство. Уметноста на однесувањето во овој конфликт не е нешто што  учи само од книги. Да се прочита книга и да се добие битката со Бугарија е можно исто толку колку што е можно да се добие фудбалски натпревар со прочитување на фудбалско упатсво. Искуството е се уште најдобриот учител!