Единствена Македонија поднесе Иницијатива до претседателката Сиљановска-Давкова за одликување посмртно на Георги Димитров


03.09.2025 | 11:44:44 | Прес Конференции


Единствена Македонија поднесе Иницијатива до претседателката Сиљановска-Давкова за одликување посмртно на Георги Димитров

Изјава, Единствена Македонија 
проф. д-р Јанко Бачев претседател на Единствена Македонија 
Скопје, вторник, 02 септември 2025 година

Единствена Маедонија по повод 8 септември Денот на независноста поднесе Иницијатива до претседателката Сиљаноска Давкова Гордана за донесување на Указ за доделување на одликување Орден на Република Македонија, посмртно, на Георги Димитров, претседател на владата на Народна Република Бугарија во периодот 1946-1949 година.

Во изјава за медиумите претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев истакна:

Георги Димитров е најистакна личност со посебни заслуги и вонредни резултати за Македонија, Македонскиот  народ и Македонците во Пиринска Македонија. Георги Димитов во својство на претседател на владата на Народна Република Бугарија и Јосипи Брзо Тито во својство на претседател на владата и министер за одбрана на Федеративна Народна Република Југославија ги склучуваат Бледските спогодби. Tерминот Бледски спогодби подразбира пет договори помеѓу ФНР Југославија и НР Бугарија донесени на највисоко државно и партиско ниво на Конференцијата на Блед одржана на 30 и 31 јули и 1 август 1947 година.

Спогодбите се основата за национално-културна автономија на Македонците во Пиринска Македонија и Планот за обединувањето на Пиринска Македонија со Народна Република Македонија. Започнува големата културна преродба за Македонците во Пиринска Македонија со отворањето на македонски книжарници, читалишта, изложби, печатење весници на македонски јазик, основање на литературни кружоци и културно-уметнички друштва, отворање на Обласниот македонски народен театар во Горна Џумаја кој започна со претстави на македонски јазик. Во сите градови и поголеми села во Пиринска Македонија беа испратени учители и професори од Народна Република Македонија кои предаваа Македонски јазик и Македонска историја во основните училишта и гимназиите. Се спроведува првиот попис во декември 1946 година и според резултатите од вкупно 252.908 жители на Пиринска Македонија, како етнички Македонци се изјасниле 70%, односно, 177.036 лица.

Сето ова е припрема за обединувањето на Пиринска Македонија со Народна Република Македонија во согласност со писмото на Димитров до Тито од 17 август 1946 година кое всушнот е пренесување на Резолуцијата донесена на десетиот проширен пленум на Бугарската работничка партија (комунисти) одржан на 10 август 1946 година каде никој од делегатите не се изјаснил против за дефинитивното решавање на македонското прашање преку обединувањето на македонскиот народ во Пиринска Македонија и Народна Република Македонија. Во своето писмо до Тито во 10 точки, Георги Димитров го изложува планот за обединувањето останувајќи доследен на својот став до крајот на животот за „историското, политичкото и националното и демократското право на македонскиот народ на свое обединување во рамките на југословенска НР Македонија“.

Делото на Георги Димитров претставува немерливо национално достигнување и историска победа за Македонија, македонскиот народ и Македонците во Пиринска Македонија кое неможе да го засени ниту Договорот со Бугарија од 2017 склучен од марионетската влада на Зоран Заев со кој е извршено национално предавство и историски пораз за Македонија, Македонскиот народ и Македонците во Пиринска Македонија.

Според тоа, сметаме дека една претседателка на Република Македонија со национална и патриотска определба ќе биде на висината на задачата и оттука, длабоко веруваме дека по повод празникот на независноста 8-Септември ќе донесете Указ за доделување Орден на Република Македонија, посмртно, на големиот револуционер со најзначајни заслуги за Македонија и македонскиот народ, Георги Димитров.

Заради подобро запознавање на претседателката со Иницијативата, во прилог ја доставуваме мојата книга „Договорите со Бугарија од 2017 и 1947 година и Планот за обединувањето на Пиринска Македонија со Народна Република Македонија“.

Ви благодарам,

Со почит,
Центар за комуникации на Единствена Македонија