Меѓународното право во криза, светот во војна


17.10.2024 | 13:30:26 | Колумни


Меѓународното право во криза, светот во војна

Веб колумна, Единствена Македонија 
м-р Томислав Јовановски, политички аналитичар 
Скопје, четврток, 17 октомври 2024 година

Очигледна е тенденцијата, преку воени конфликти или прокси војните да дојде до промена во рамнотежата на силите и тоа се обидуваат да го постигнат преку зголемена ескалација на повеќе нивоа.

Идејата на Моне, Аденауер, Ген. Шарл де Гол беше обединета Европа од Атлантикот преку Кавказот и до Далечниот Исток а тоа неминовно  условува двојната локомотива на обединета Германија и Франција да се надополни и со Руската Федерација.

Сепак, на тој план Англосаксонскиот Хегемон се чини го закова т.н претпоследен ексер, односно, клин или шајка преку форсирањето на мултилатерализам и позицијата на сила наместо меѓународното право и идејата за мултиполарен свет, идеја на БРИКС земјите, но, пред се на Русија.

Неодамна на форумот во Владивосток, заменик премиерот на НРК излезе и со нова идеја. Имено, говореше за мултимодална соработка која е хибрид од мултилатерализмот на запад и мултиполарноста која ја заговара Путин.                        

Истовремено, на блискиот исток гори буквално. Имено, се говори дека и наследникот на Насралах во шиитски Хезболах, неговиот роднина Сајед Сафиедин е неутрализиран од ИДФ војската на Израел. Во оваа низа на попречни вести, сепак е јасно дека војната во јужен Либан ги помири дури и народните милиции од сунитските и шиитски ровови.

Имено, и сунитската Фаџра милиција, но, и шиитската Џама исламија милиција објавија дека имаат заеднички непријател во редовите на ИДФ. Се чини, во етнички шареноликиот Либан во кој со децении владееја Марунитите кои се Христијанска каста, во последниве скоро три децении со напливот на Палестински бегалци се промени етно демографската слика.

Сега, сите три групи се скоро подеднакво застапени, односно, шиитите и сунитите имаат секоја од нив  по околу 30 проценти, Христијанските заедници кои се нешто околу 40 проценти, но влијанието на Хезболах е толку силно што НИЕДНА ВЛАДА ВО Либан не може да се формира без дозвола на Хезболах, а тој дури и сам се постави како заштитник на Либанската јужна граница, значи према Израел.

Особено во ситуација кога во последниве 54 години шест конфликти се водени помеѓу Израел и Либан, од кои два големи во периодот на војната 1978-1982 кога Израел во 1982 влезе  во Јужен Либан, се со цел да спречи напади врз северен Израел (нешто слично е и во 2024), за да во 1985 го окупира Јужен Либан, состојба која траеше до 2000.

Во 2006 година беше втората голема војна помеѓу Хезболах и ИДФ. Вртлогот на конфликти и спиралата на насилство се врати на големата врата после терористичкиот напад на Хамас од 7.10.2023 во Кибуците во Израел и се заканува да прерасне во голема регионална војна помеѓу Иран и Израел.

И за крај, ценам дека Македонската позиција во однос на било кој конфликт, а особено конфликтот во Украина треба да биде базиран на меѓународното право, но и на прифаќањето, секако, на забелешките на Русија дека Украина ако сака да опстане во новите граници, мора да биде и воено неутрална и да ги врати повторно во Уставот и правата на Русите и рускиот јазик кој беше втор официјален јазик во Украина.