Нека е честит и вековит Илинден


02.08.2024 | 19:18:42 | Соопштенија


Нека е честит и вековит Илинден

Единствена Македонија, на македонскиот народ и државјаните на Македонија им го честитам големиот празник Илинден. Знаеме дека е тешка битката за Македонија, но мора да си ја вратиме државата назад. Тоа нема да биде чекорење по едноставен пат.

Да потсетиме, не им било лесно и на славните Илинденци. Можел и Никола Карев да не се нафати да биде претседател на Крушевската Република. Можел и Питу Гули да не оди на Мечкин Камен. Можеле и Гоце Делчев и Даме Груев и Христо Узунов и Методија Патче да си бидат учители и да не бидат револуционери, да си уживаат со учителска плата и да не одат во планини..

Ама така ќе ја немаше Македонија.Нашата битка против непријателите на македонското дело мора да продолжи. Ако дозволиме државата да се сруши, утре може да се разбудиме во некое ново државно-правно уредување, дали бугарско, српско, албанско, грчко или било какво друго уредување, ќе живееме во туѓа држава и нема да бидеме свои на своето.

Единствена Македонија секогаш ќе биде на страната на Македонија, нашата земја, нашата татковина. Никогаш нема да ја предадеме крвта на илјадници Македонци и Македонки кои ја пролеаа за нашата Македонија. Мора да ја продолжиме нашата битка и да си ја вратиме државата назад- национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на малцинствата според меѓународното право. Заедно ќе ја победиме битката со македонскиот народ. Битката секогаш се победува со народот.

Нека ни е честит и вечен Илинден, да ни е вечна Република Македонија.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, петок, 2 Август 2024 година