Бачев со завет на гробот на Ѓорѓи Сугарев: Наша обврска е да го продолжиме идеалот на славните македонски револуционери


23.03.2024 | 13:22:00 | Соопштенија


Бачев со завет на гробот на Ѓорѓи Сугарев: Наша обврска е да го продолжиме идеалот на славните македонски револуционери

По повод 118 години од смртта на македонскиот револуционер Ѓорѓи Сугарев, поголема делегација на Единствена Македонија, денес, сабота, 23 март 2024 година положи цвеќе на неговиот гроб во Параловскиот манастир. На настанот присуствуваше и претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев кој истакна:

-„Денеска дојдовме да положиме цвеќе и да го одржуваме жив споменот на големиот македонски револуционер, војвода и учител Ѓорѓи Сугарев, кој, тука, на ова место во Паралово, пред 118 години храбро го положи животот за слободна и независна Македонија.

Убиствата на македонските револуционери во тоа време се одвиваат како на филмско сценарио. Предадени од доушници, влегуваат во нерамноправна борба со турскиот аскер, им снемува муниција и исправени пред изборот -  дали да се самоубијат или живи да се предадат, одлучуваат да се самоубијат.

Инспиративно е делото на Ѓорѓи Сугарев и на сите останати македонски револуционери во тоа време како што се Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Узунов, Методија Патче, сите тие биле учители, можеле убаво да си живеат од учителска плата, можеле да си седат дома и да не одат во планините и да бидат револуционери. Ама ако беше така, ќе ја немаше Македонија.

Затоа, ние оваа генерација Македонци имаме силна обврска да го продолжиме идеалот на храбрите Македонци бидејќи Македонија денеска е во многу тешка ситуација нападната од внатрешен и надворешен непријател кој што сака да избрише се што е македонско.

Ние во Единствена Македонија, се заветуваме тука, од ова место дека никогаш нема да ја предадеме крвта на храбрите Македонци кои што го положија животот за слободна и независна Македонија. Секогаш ќе бидеме на страната на македонскиот народ.

Нека е вечен споменот на Ѓорги Сугарев!
Нека е вечна македонската држава!   


Центар за комуникации на Единствена Македонија
с. Паралово, 23 март 2024 година.