Бачев пред Кривичниот суд: Нека не прогонуваат со пријави колку сакаат, но нашата борба ќе продолжи, како Македонци нема повеќе што да изгубиме


28.11.2023 | 14:53:05 | Прес Конференции


Бачев пред Кривичниот суд: Нека не прогонуваат со пријави колку сакаат, но нашата борба ќе продолжи, како Македонци нема повеќе што да изгубиме

Денес во Кривичниот суд Скопје започна процесот против претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев по пријава од Комисијата за заштита од дискриминација и бугарски организации во Македонија здружени во Здружението „Дело“ за наводно вознемирување и дискриминација на Албанците и Бугарите во Македонија на етничка основа од настапите на Бачев. Подносителите на обвинението не дојдоа, расправата се одложи.

Во изјава за јавноста претседателот Бачев рече:

Браќа Македонци и сестри Македонки,

-“Прогонот продолжува. Денеска како што можете да видите се наоѓаме пред Кривичниот суд каде што во својство на обвинет поднесена ми е пријава од условно кажано албанско-бугарска комбинација, од адвокат Албанец и здруженијата на бугарашите во Македонија, здружени во нивната организација „Дело“.

Конкретниот предмет се однесува на наводно вознемирување, дискриминација што е така да кажам ептен несериозно, бидејќи, во оваа држава како што знаеме напротив реалноста е многу поинаква, ние Македонците сме фактички вознемирени, дискриминирани во сопствената држава.

Меѓутоа, марионетските власти во Скопје створија една таква клима, едни такви услови, така што, денеска наместо тие што треба да бидат прогонувани, од друга страна, тие нас не прогонуваат како Македонци само затоа што стоиме на браникот на Татковината.

Но, како и да е, јас можам тука од ова место, од пред Кривичниот суд Скопје, да се заветам и ветам дека нашата борба ќе продолжи, бидејќи, нашиот избор е да се бориме. Доколку се бориме, може да победиме, но, може и да изгубиме. Но, доколку не се бориме и мирно си седиме тогаш во старт ќе изгубиме.

Затоа, нашата борба мора да продолжи, ние повеќе нема што да изгубиме, бидејќи во игра се бришењето на Македонија, Македонците, нацијата, историјата, културата, идентитетот. Затоа, колку сакаат нека не прислушкуваат, нека не следат, еве нека ни се закануваат со пријави, нека не обвинуваат, ние, јас лично и Единствена Македонија ќе продолжиме во нашата борба, бидејќи немаме повеќе како Македонци што да изгубиме“.

Ви благодарам,

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, вторник, 28 ноември 2023 година