Гелева до ЕУ: Не ви веруваме на двојните, тројните и безбројните аршини со кои сакате Македонија да исчезне од меморијата на цивилизацијата


24.07.2023 | 12:08:19 | Соопштенија


Гелева до ЕУ: Не ви веруваме на двојните, тројните и безбројните аршини со кои сакате Македонија да исчезне од меморијата на цивилизацијата

Изјава, Единствена Македонија
Емилија Гелева, член на ИК на Единствена Македонија за надворешна политика и Претседател на Унијата на жени
Скопје, понеделник, 24 јули 2023 година

-„Деновиве во Република Македонија се актуелни посети на некакви си административци - наречени министри во држави во ЕУ, дури шестмина од шест држави дојдоа да ни ветуваат мед и млеко со ЕУ, само ако го смениме уште еднаш Уставот за да вметнеме шака новоосвестени Бугари, и со тоа конечно да се самоукинеме како македонски народ и како држава. Им се придружи со изјава и нивниот “шеф” од преку барата со плус ветување дека тој лично и САД ќе ја убедувале Бугарија да нема нови барања во текот на преговарачкиот процес меѓу Македонија и ЕУ, кога еднаш тој ќе почнел.

Вакви лаги и измамнички игри се изнаслушавме и истрпивме последните триесет години од осамостојувањето на Македонија од многу западни политички штрафчиња, а некадарните, што продадени што исплашени домашни извршители - демек политичари, Македонија ја доведоа до работ на амбисот и покрај волјата на македонскиот народ јасно искажана на двата референдуми, на референдумот за независност од 8 септември 1991г. и на референдумот против промена на името заради членство во НАТО и ЕУ од 30 септември 2018г. И наместо уште кога Комисијата на Бадентер во 1991 година препорача дека само Македонија и Словенија ги исполнуваат условите за членство во ЕУ, токму така прва на листата беше Македонија, ЕУ да почнеше преговори со Македонија таа почна во континуитет цели 33 години да измислува нови и нови услови неприменети за ниту една друга земја кандидат. Епилогот од верувањето во ветувањата на европските политичари за светла иднина во ЕУ, па и во НАТО, е дека Македонија се уште тапка во место, со сменето име, јазик и идентитет.

Единствена Македонија ги прашува господата западни политичари ЗОШТО вршат притисок постојано само врз Македонците? Зошто, на пример, не ја убедувавте Грција дека доволно им е 52% од македонската територија и дека наместо да бараат промена на името тие треба да ги признаат и да ги внесат Македонците од Беломорска Македонија во грчкиот устав? Зошто не ја убедите Бугарија дека треба да го признае многубројното македонско малцинство во Пиринска Македонија а не да има бесмислени тврдења за идентитетот, јазикот, историјата на Македонија и Македонците? Вие што овде доаѓате за да ни се заканувате дека ако не го смениме Уставот нема да не биде, или којзнае што ќе ни направите, зошто не им се заканите на Грција и на Бугарија? Оти се членки на ЕУ ли? Тоа е уште една од вашите помали лаги. И не е поради тоа, туку бидејќи Бугарија и Грција го реализираат вашиот план со кој сакате да ја исчезнете Македонија и Македонците од меморијата на цивилизацијата. Тоа е вашата крајна цел и постапка што над 100 години ја спроведувате врз Македонија. Сакате да легитимирате лаги и измами дека ние не сме Македонија и Македонци со милениумско постоење.

Принципот на лаги, измамнички игри, уцени и притисоци, за остварувањето на целите е единствениот манир на делување на ткн. Запад со кој неолибералните Атлантисти од САД и ЕУ го ремоделираа светот надевајќи се дека целосно ќе го завладеат. Распаѓањето на Источниот блок, распаѓањето на Југославија, на пример се проекти планирани теоретски и спроведувани на терен по три четири децении. Го измамија еден Горбачов уште додека му даваа разни ветувања или божем се договараа со него. Бившата германска канцеларка Меркел призна  дека ткн. Договор од Минск бил само мамка за да добијат во време да ја подготват Украина за војна со Русија. Има безброј такви примери.

По се што нам Македонците ни направивте изминатите години, војна, присилни договори, толерирање на висок степен на политичка и секаква корупција на вашите инсталирани влади, претседатели и министри во Македонија, за жал, нема на што да ви веруваме. Едноставно практикувате не двојни, не тројни ами безброј аршини како дел од палетата политички лаги.

Поради се ова ја повикувме опозицијата, посебно најголемата македонска партија ВМРО-ДПМНЕ, да остане непоколеблива и свесна за својата огромна одговорност и дека и покрај сите соблазнителни ветувања, лаги и притисоци, токму таа има историска одговорност во Парламентот да ја оневозможи промената на Уставот со што би се отворила врата за планираниот процес на бугаризација. ВМРО-ДПМНЕ е таму каде што е со една единствена задача и цел - да го заштити опстојувањето на Македонија и Македонците“.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, понеделник, 24 јули 2023 година