Единствена Македонија: Ако Ковачевски верува во гаранции од Шолц, му честитаме на простодушноста, но не му завидуваме на наивноста


01.07.2023 | 11:36:43 | Соопштенија


Единствена Македонија: Ако Ковачевски верува во гаранции од Шолц, му честитаме на простодушноста, но не му завидуваме на наивноста

Два дена фалби од Ковачевски преку соопштенија на СДСМ дека германскиот канцелар Шолц во Берлин му дал гаранции оти нема нови условувања за Македонија.

Да го потсетиме Ковачевски дека Македонија има триесетгодишна историја на силни „гаранции“ а при секоја „гаранција“ европските лидери велеа „само уште ова, сега е време за отстапка и државнички одлуки за патот на Македонија до ЕУ“ но, патот не се отвора. Всушност, „гаранциит“ од европјаните се стара практика и апсолвирана финта во изминатите 30 години за рушење на Македонија и Македонците.

Допуштаме Ковачевски да е искрен во изјавата, но ако искрено верува во ваквите „гаранции“ на Шолц и други лидери на земји - членки на ЕУ, тогаш само може да му честитаме на простодушноста, но не му завидуваме на наивноста.

Ковачевски може не знае дека под европски диктат и „гаранции“ во јануари 1992 сменивме устав и се откажавме од Македонците во соседните земји, во април 1993 прифативме прием во ОН со срамната референца БЈРМ, во октомври 1995 го променивме знамето со шеснаесеткракото сонце, во август 2001 капитулатскиот рамковен договор со кој Македонија стана збирштина на заедници од кои само Македонците останаа без национална држава, во ноември 2004 територијална поделба со доминантно албански општини, во август 2017 бугарскиот договор со кој ја подаруваме нашата историја на Бугарија и се откажуваме од Македонците во Пиринска Македонија, во јуни 2018 т.н. преспански договор со кој се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ... но, за возврат - НИШТО.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, сабота 1 јули 2023 година