Бачев: Забраните за влез на граница не помагаат, преспанскиот договор мора да се поништи. И ќе се поништи


17.06.2023 | 18:57:14 | Прес Конференции


Бачев: Забраните за влез на граница не помагаат, преспанскиот договор мора да се поништи. И ќе се поништи

Изјава, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев претседател на Единствена Македонија
Граничен премин Меџитлија, сабота, 17 јуни 2023 година

Браќа Македонци и сестри Македонки,

Се јавуваме од граничниот премин Меџитлија-Ники на македонско-грчката граница каде што денес бевме спречени како делегација на Единствена Македонија да влеземе и да појдеме во селото Нивици.

Тука како што гледате пошироката делегација на Единствена Македонија беше фактички малтретирана околу четири часови со разноразни информативни разговори од страна на цивилни полициски службеници на грчките органи. Ова е голем срам за Европската Унија каде членка е Грција. Без никаков основ беше забранет влез и беа изречени мерки од страна на грчки погранични органи за забрана за влез во наредните три години.

Која беше нашата цел денес да појдеме во Нивици?

Точно на овој ден, 17 јуни, пред пет години во Нивици странските измеќари Зоран Заев и Никола Димитров го склучија преспанскиот договор со кој се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.

Тоа што го слушате од марионетската власт во Скопје дека преспанскиот договор е заршена работа, дека е конечен...заборавете! Договорот е ништовен и може да се поништи според основниот документ на меѓународното договорно право а тоа е Виенската конвенција за правотот на договорите.

За валидноста на еден меѓународен договор е потребна слободно изразена волја на договорните страни, договорот да е склучен од надлежни државни органи и договорот да има дозволен предмет на договорање. Преспанскиот договор не ги содржи овие меѓународно правно-признати услови и оттука договорот е ништовен.

Во мојата книга насловена како „Меѓународно-правните основи и постапката за поништување на Договорот меѓу Македонија и Грција“ која беше промовирана лани на четиригодишнината од договорот детално се дадени и образложени правните основи и постапката како да се поништи договорот кој е капитулантски и штетен за Македонија.

Исто, така договорот е илустарција на едно тешко предавство на основните начела и норми на меѓународното договорно право, а уште повеќе, договорот е едно тешко национално злосторство врз македонскиот народ и македонската држава бидејќи со него се брише се што е македонско.

Ова е Преспанскиот договор кој што сакавме днеска да појдеме во Нивици и да го запалиме. Како што гледате, браќа Македонци и сестри Македонки сакавме симболично да покажеме со палењето да ја одземеме важноста на договорот.

Меѓутоа, мои мили Македонци и Македонки, можеме и вистински и реално да го поништиме договорот доколку народот го сака тоа. Доколку на наредните избори кога и да се одржат народот ни ја даде довербата, ветувам дека Единствена Македонија ќе го поништи договорот.

Можеме, знаеме, умееме. Договорот мора да се поништи. И ќе се поништи!

Нека ни е вечно библиското и историско име - Македонија.

Македонија од предвечност до вечни времиња Амин!

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Граничен премин Меџитлија, сабота, 17 јуни 2023