Јакимовски: Помина 1 месец од нашето барање за времена мерка за т.н. закон за Бехтел и Енка, од Уставниот суд - тишина


22.05.2023 | 15:22:53 | Прес Конференции


Јакимовски: Помина 1 месец од нашето барање за времена мерка за т.н. закон за Бехтел и Енка, од Уставниот суд - тишина

Прес конференција, Единствена Македонија
Кристијан Јакимовски - Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, понеделник 22 мај 2023 година

Почитувани,

-„Помина скоро 1 месец откако Единствена Македонија поднесе Иницијатива до Уставниот суд за поведување на постапка за оценување на уставноста на т.н. Закон за Бехтел и Енка, со кој, во договор во „четири очи“ на фирмата Бехтел и Енка и се даваат 1.3 милијарда евра народни пари за изградба на автопат.

Со оглед на фактот што, со извршувањето на овој закон би можеле да настанат тешко отстранливи последици, во нашата Иницијатива за уставна оценка има посебен предлог и за времена мерка до судот да донесе решение за запирање на законот до донесувањето на конечна одлука.

Обрнувам внимание, внимавајте добро, кога има предлог за времена мерка, Уставниот суд е должен веднаш да постапи во најитен можен рок и да донесе одлука за времената мерка. Но, иако помина скоро еден месец, од Уставниот суд - тишина и целосен молк.

Го повикуваме Уставниот суд да биде на висината на задачата и да постапи според законот и своите уставни надлежности.

Дотолку повеќе, со т.н. Закон за Бехтел и Енка се врши еден од најголемите грабежи во поновата македонска историја. Да повторам, станува збор за 1, 3 милијарди евра од буџетот, односно, грабеж на народни пари.

Почитуваниприсутни,

Во нашата Иницијатива до Уставниот суд од 26 април се наведени конкретни факти и докази за повреда на повеќе одредби од Уставот на Република Македонија. Затоа, сметаме дека т.н. Закон за Бехтел и Енка, во целост не е во согласност со Уставот и бараме негово поништување.

Народот чека одлука од Уставниот суд за монополот на проект во вредност од 1,3 милијарди евра од буџетот во корист на странската компанија Бехтел и Енка.

Цела Македонија веќе слушна и виде дека марионетската власт во Скопје прави голем грабеж на буџетски пари со т.н. Закон за Бехтел и Енка.

Го потсетуваме Уставниот суд дека непостапувањето по барањето на Единствена Македонија за времена мерка во случајот со т.н. Закон за Бехтел и Енка повлекува одговорност.

Затоа, ветуваме дека одговорност за случајот Бехтел и Енка за 1,3 милијарди евра буџетски пари мора да има, и ќе има.

Благодарам,

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, понеделник, 22 мај 2023 година
                                                                                            

Целосен текст од Иницијативата на Единствена Македонија до Уставниот суд од 26 април

 

И  Н  И  Ц  И  Ј  А  Т  И  В  А 
за поведување на постапка за оценување на уставност

 

1. Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 15 јули 2021 година го донесе Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементирање на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово-Гостивар-Букојачани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр. 163/2021), со што се постави прашањето за согласноста на законот во целост, односно членовите од 1 до 17 од овој закон со член 8 став 1 алинеи 3, 7 и 11, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

 

2. Со оспорениот закон се номинира стратешки партнер и се уредуваат прашањата во врска со истиот под кој се подразбира странската фирма Bechtel и Enka JV или нивен поврзан конзорциум за изградба на делниците на коридорите 8 и 10-д.

 

3. Спред член 8 став 1 алинеи 3, 7 и 11 од Уставот, владеењето на правото, слобода на пазарот и претприемништвото и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок.

Согласно член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

 

4. Од анализата на оспорениот закон, произлегува дека законодавецот утврдил кој може да го добие Проектот за делниците на коридорите 8 и 10-д, а со тоа и кој не може да учествува во Проектот. Според оспорениот закон само странската фирма Bechtel и Enka JV може да ги гради делниците на коридорите 8 и 10-д, а како подизведувачи само негови фирми. Од ова произлегува дека градител на делниците на коридорите 8 и 10-д не може да биде ниту еден друг стопански субјект освен странската фирма номинирана во оспорениот закон.

Според тоа, номинирањето на еден субјект од страна на законодавецот претставува ограничување на субјектите за слободно настапување на пазарот и претприемништвото како клучни основи на стопанскиот систем утврдени со Уставот, односно давање за монопол на проект во вредност од 1,3 милијарда евра од буџетот само на еден субјект Bechtel и Enka JV, а не на сите кои сакаат, можат и имаат капитал да се вклучат и да конкурираат на пазарот како изведувачи на Проектот.

Уставот дава можност слободата на пазарот и претприемништвото да можат да се ограничат со закон, но, единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето а во случајот напред цитираните ограничувања не се во никаква врска со давањето на монополска положба за градењето на автопат само на една фирма.

Исто така, со оспорениот закон се исклучува примената на други закони во целост или делумно, со што, практично се дерогира правниот систем во Републиката.

Според тоа, ограничувањето, останати субјекти да не можат да конкурираат за изведување на Проектот со делниците од коридорите 8 и 10 д како и дерогирањето на правниот систем, се отстапува од усвоениот уставен концепт и одделни уставни гаранции за владеење на правото, односно се повредува уставната гаранција на слобода на пазарот и претприемништвото и не се обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, во поглед на слободното движење на капиталот а во оваа насока со номинирањето на една странска фирма која добива 1,3 милијарда евра од буџетот со т.н. договор во четири очи се отстапува не само од почитување на општо прифатените норми на меѓународното право туку и во однос на општите правни начела што ги признаваат цивилизираните народи во оваа област.

Целта на кој и да е закон поврзан со дејствувањето на приватни компании на пазарот во едно демократско општество секогаш е создавање на амбиент за делување под еднакви услови, а не за нивно ограничување. Значи, целта и на овој закон каде инвеститор е државата со народни пари, мора да е пропишување, но и обезбедување на услови за рамноправно конкурирање во проектот, а не преку утврдување на монополски услови за странска фирма, нивно нерамноправно третирање што е недопуштено во пазарно ориентирано опшество.

Тргнувајќи од одредбите на Уставот, а кои се однесуваат на владеење на правото, слободата на пазарот и претприемништвото, мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот како клучни основи на стопанскиот систем кој државата сака да го развива, се поставува прашањето дали со оспорената определба на државата да ги става во нерамноправна положба субјектите на пазарот, всушност значи нарушување на слободата на пазарот и претприемништвото со што се попречува развивањето на пазарно ориентирано општество во услови на гарантирана слобода на пазарот и претприемништвото и еднаква правна положба на стопанските субјекти.

 

5. Затоа, сметаме дека оспорениот закон во целост не е во согласност со Уставот и му предлагаме на Уставниот суд да донесе Одлука со која ќе го поништи Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементирање на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово-Гостивар-Букојачани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Македонија, со што се постави прашањето за согласноста на законот со член 8 став 1 алинеи 3, 7 и 11, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

 

Посебен предлог: Со оглед на фактот што со извршувањето на овој закон би можеле да настанат тешко отстранливи последици, му предлагаме на судот до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршување на акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот закон во согласност со член 27 од Деловникот на Уставниот суд.

            ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА
                                                    д-р Јанко Бачев