Бачев: Поднесовме Иницијатива за уставна оценка на т.н. закон за Бехтел и Енка со кој добиваат 1,3 милијарди евра - еве ги прчините


26.04.2023 | 15:03:27 | Прес Конференции


Бачев: Поднесовме Иницијатива за уставна оценка на т.н. закон за Бехтел и Енка со кој добиваат 1,3 милијарди евра - еве ги прчините

Изјава, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, среда, 26 април 2023 година

Единствена Македонија денес, среда, 26 април 2023 година до Уставниот суд поднесе Иницијатива за уставна оценка на т.н. Закон за Бехтел и Енка. Во изјава за јавноста претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев истакна:

Интегрален текст од Иницијативата до Уставниот суд

Врз основа на член 12 од Деловникот на Уставниот суд („Службен весник на РМ“ бр. 70/92, 202/19 и 256/20) партијата Единствена Македонија поднесува

И  Н  И  Ц  И  Ј  А  Т  И  В  А 
за поведување на постапка за оценување на уставност 

1. Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 15 јули 2021 година го донесе Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементирање на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово-Гостивар-Букојачани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр. 163/2021), со што се постави прашањето за согласноста на законот во целост, односно членовите од 1 до 17 од овој закон со член 8 став 1 алинеи 3, 7 и 11, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

2. Со оспорениот закон се номинира стратешки партнер и се уредуваат прашањата во врска со истиот под кој се подразбира странската фирма Bechtel и Enka JV или нивен поврзан конзорциум за изградба на делниците на коридорите 8 и 10-д.

3. Спред член 8 став 1 алинеи 3, 7 и 11 од Уставот, владеењето на правото, слобода на пазарот и претприемништвото и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок.

Согласно член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

4. Од анализата на оспорениот закон, произлегува дека законодавецот утврдил кој може да го добие Проектот за делниците на коридорите 8 и 10-д, а со тоа и кој не може да учествува во Проектот. Според оспорениот закон само странската фирма Bechtel и Enka JV може да ги гради делниците на коридорите 8 и 10-д, а како подизведувачи само негови фирми. Од ова произлегува дека градител на делниците на коридорите 8 и 10-д не може да биде ниту еден друг стопански субјект освен странската фирма номинирана во оспорениот закон.

Според тоа, номинирањето на еден субјект од страна на законодавецот претставува ограничување на субјектите за слободно настапување на пазарот и претприемништвото како клучни основи на стопанскиот систем утврдени со Уставот, односно давање за монопол на проект во вредност од 1,3 милијарда евра од буџетот само на еден субјект Bechtel и Enka JV, а не на сите кои сакаат, можат и имаат капитал да се вклучат и да конкурираат на пазарот како изведувачи на Проектот.

Уставот дава можност слободата на пазарот и претприемништвото да можат да се ограничат со закон, но, единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето а во случајот напред цитираните ограничувања не се во никаква врска со давањето на монополска положба за градењето на автопат само на една фирма.

Исто така, со оспорениот закон се исклучува примената на други закони во целост или делумно, со што, практично се дерогира правниот систем во Републиката.

Според тоа, ограничувањето, останати субјекти да не можат да конкурираат за изведување на Проектот со делниците од коридорите 8 и 10 д како и дерогирањето на правниот систем, се отстапува од усвоениот уставен концепт и одделни уставни гаранции за владеење на правото, односно се повредува уставната гаранција на слобода на пазарот и претприемништвото и не се обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, во поглед на слободното движење на капиталот а во оваа насока со номинирањето на една странска фирма која добива 1,3 милијарда евра од буџетот со т.н. договор во четири очи се отстапува не само од почитување на општо прифатените норми на меѓународното право туку и во однос на општите правни начела што ги признаваат цивилизираните народи во оваа област.

Целта на кој и да е закон поврзан со дејствувањето на приватни компании на пазарот во едно демократско општество секогаш е создавање на амбиент за делување под еднакви услови, а не за нивно ограничување. Значи, целта и на овој закон каде инвеститор е државата со народни пари, мора да е пропишување, но и обезбедување на услови за рамноправно конкурирање во проектот, а не преку утврдување на монополски услови за странска фирма, нивно нерамноправно третирање што е недопуштено во пазарно ориентирано опшество.

Тргнувајќи од одредбите на Уставот, а кои се однесуваат на владеење на правото, слободата на пазарот и претприемништвото, мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот како клучни основи на стопанскиот систем кој државата сака да го развива, се поставува прашањето дали со оспорената определба на државата да ги става во нерамноправна положба субјектите на пазарот, всушност значи нарушување на слободата на пазарот и претприемништвото со што се попречува развивањето на пазарно ориентирано општество во услови на гарантирана слобода на пазарот и претприемништвото и еднаква правна положба на стопанските субјекти.

5. Затоа, сметаме дека оспорениот закон во целост не е во согласност со Уставот и му предлагаме на Уставниот суд да донесе Одлука со која ќе го поништи Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементирање на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово-Гостивар-Букојачани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Македонија, со што се постави прашањето за согласноста на законот со член 8 став 1 алинеи 3, 7 и 11, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

Посебен предлог: Со оглед на фактот што со извршувањето на овој закон би можеле да настанат тешко отстранливи последици, му предлагаме на судот до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршување на акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот закон во согласност со член 27 од Деловникот на Уставниот суд.

                               ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА
                                                                  д-р Јанко Бачев