Бачев со моќна порака од Мелник, Пиринска Македонија: Да ги надминеме делбите и да се обединиме на Македонски


23.04.2023 | 14:07:00 | Прес Конференции


Бачев со моќна порака од Мелник, Пиринска Македонија: Да ги надминеме делбите и да се обединиме на Македонски

Делегација на Единствена Македонија на чело со претседателот Јанко Бачев, недела, 23 април 2023 присутвуваше во Мелник, Пиринска Македонија на Собирот на Македонците по повод 108 години од смртта на Јане Сандански и притоа во Роженскиот манастир се поклони и положи цвеќе на гробот на Сандански.

Претседателот Бачев во поздравниот говор пред Македонците од сите делови на Македонија истакна:

- „Голема е нашата обврска да го одржуваме жив споменот на Јане Сандански и на сите славни Илинденци, храбрите Македонци, и на нивната борба за слободна и независна Македонија.

Јане пред повеќе од сто години изговори една легендарна мисла: „Да живееш значи да се бориш-робот за слобода, а слободниот за совршенство“.

Ние како Македонци сме денеска некаде на средината од оваа мисла на славниот Јане Сандански. Но, нашето совршенство ќе го постигнеме само ако го обезбедиме нашето единство како во матичната земја Македонија така и во другите делови на Македонија каде живеат Македонците, односно, да ги надминеме делбите и да се обединиме на Македонски.

Ние можеме да имаме милиони причини, историски и наметнати, политички и економски, реални и ирационални за делби и поделби. Една, единствена мисла е заедничка за сите нас - љубовта кон Македонија! Кога тоа ќе го разбереме, ги отвораме вратите за решавање на сите сегашни проблеми и отвораме простор за иднината на нашата единствена татковина Македонија.

Јане Сандански е еден од преживеаните Илинденци, за време на својот живот беше сведок на трагичната поделба на Македонија во Букурешт во 1913, меѓутоа, браќа и сестри Македонци и Македонки, денес зидовите на поделби се рушат, меѓународните околности се менуваат и во тие рамки веруваме дека и ние ќе ги оствариме нашите македонски интереси.

Да сте живи и здрави, нека е жив споменот на Јане Сандански, нека се вечни Македонија и Македонците - потенцираше Бачев!

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Мелник, Пиринска Македонија, недела, 23 април 2023 година