Униполарниот и биполарниот модел на моќ во меѓународните односи и светскиот мир


14.04.2023 | 19:44:11 | Колумни


Униполарниот и биполарниот модел на моќ во меѓународните односи и светскиот мир

Извадок од текстот на проф. д-р Јанко Бачев насловен како „Униполарниот и биполарниот модел на моќ во меѓународните односи и светскиот мир“ изложен на Шестата меѓународна научна конференција „Меѓународен дијалог: Исток-Запад“ која се одржа на 17-18 април 2015 година на Меѓународниот Славјански Универзитет со учество на научни работници од шест земји. 

Апстракт 

Кон крајот на осматта деценија на минатиот век, баукот на антикомунизмот, олицетворен во нов концепт на Новиот светски поредок промовиран од САД врз идејата за мир, стабилност, благосостојба и демократија, успешно ја финализира сопствената мисија на терминатор на полувековниот периодот на Студената војна помеѓу САД и СССР. Но, во 25-годишната посткомунистичка традиција се виде дека овој концепт, всушност, бил замислен да обезбеди челно место на САД, на што се спротиставува Русија, во обидот да ја врати позицијата на супер сила. Оттука, во трудот се оврнувам на прашањето, дали униполарната или биполарната структура низ призмата на моќта на САД и Русија дава подобри шанси за светскиот мир.

Вовед

 

Рушењето на Берлинскиот sид на 9 ноември 1989 го симболизира крајот на еден систем означен како Студената војна кој почиваше на биполарната структура на моќ меѓу СССР и САД. Во такви околности најмоќна сила остана САД, додека Русија ослабена се повлече од глобалната  сцена  во националните граници. Истовремено, за новонастанатите геополитички услови се лансираа серија термини како ерата на постстудена војна, перестројка, нов систем на меѓународни односи и слично. 

                      

Согласно ова, тогашниот американски претседател Џорџ Буш во почетокот на 90-тите години од минатиот век изјави дека со падот на комунизмот започнува ерата на  Новиот светски поредок заснован на идејата за мир, стабилност, благосостојба, демократија, слободен економски натпревар меѓу државите. Притоа Џ.Буш уште ќе рече „Терминот нов светски поредок, не подразбира предавање на нашиот суверенитет, ниту заложување на нашите интереси. Тој опишува одговорност, наметната од нашиот успех. Тој се однесува на нови патишта на соработка со други држави, со цел да се намали агресијата, а оствари стабилност, прогрес и над се - мир. Тој извира од надежите за изградба на свет базиран врз поделена одговорност во почитувањето круг принципи, имено, мирно решавање на споровите, солидарност како контрапункт на агресијата, редуцирани и контролирани арсенали, праведен третман на народите...„                                                                                                                     

Така изгледаше новиот поредок проектиран од САД со врвен приоритет-мирот и благосостојбата во светот. Но, произлезе дека ова е теорија. 

 

             Униполниот или биполарниот модел со подобри шанси за светскиот мир

 

Појдовна точка во изложувањето на униполниот или биполарниот модел од аспект на светскиот мир е фактот дека новиот светски поредок во практиката, всушност, требаше на САД да и обезбеди челно место како светски команден мост со право тие да одлучуваат за светските процеси. Меѓутоа, овој систем целосно нема да профункционира до денешно време, бидејќи на лидерските амбиции на САД за воспоставување на униполарен светски поредок отворено се спротиставуваат некои засегнати држави и притоа САД за да ги вразумат и потчинат на глобалните американски вредности повратно спрема некои од нив преземаат воени акции и по цена на кршење на меѓународното право.   

Така, меѓународно-правно опсервирано, беа отворени серија на прашања во врска со употребата на вооружена сила од САД и сојузниците при нападот на Сојузна Република Југославија во 1999 и Ирак во 2003 година, без одлука на Советот за безбедност, како и пречекорувањето на одлуката на Советот за безбедност за употреба на вооружена сила врз Либија во 2011 година, бидејќи, Резолуцијата на Советот дозволи употреба на сила за спречување на внатрешните судири во Либија, а не за соборување на либиската власт.                                                                                                      

За САДовие војни беа во согласност со меѓународното право, бидејќи се водени во името на човековите права, демократијата и слободата за нападнатите народи, заради што не беа нарекувани војни туку хуманитарни интервенции, иако дојде до прекршување на Повелбата на ОН, затоа што, воените дејства се преземени без одлука на Советот за безбедност - орган кој, според Повелбата, единствено може да одлучи за примена на сила.

Инаку, на Советот  за безбедност му е доверена одговорноста за одржувањето на мирот. За таа цел, Повелбата на ОН му дава широки и посебни овластувања.  

Од друга страна, се побројни се реакциите на граѓаните на САД дека нивната држава непотребно се исцрпува со ангажирањето во речиси сите светски проблеми за да наметнува решенија како некаков светски полицаец иако и денеска актуелни се истите причини поради кои уште пред седум века Пјер Дибоа вели дека ниту едно разумно суштество не може да поверува дека еден човек/држава може да владее со светот и доколку се појават такви тенденции тогаш ќе има војни и револуции без крај.

Значи, Новиот светски поредок не доведе до заживување на промовираните идеали, туку, напротив, доведе до сериозни безбедносни предизвици поради амбициите на САД да го скицираат светот според сопствените замисли. САД како најмоќна земја по распадот на социјалистичките/комунистичките држави кои така се нарекуваа беа исправени пред предизвикот да изнајдат прифатлива мерка во своето однесување во интерес на мирот.                       

Според мене, пожелно беше да балансира меѓу одамна кажаното од Тукидид дека силните го прават она што мораат и кажаното од Пјер Дибоа дека е лудост да се верува дека една земја може да го владее светот.                                                                                 

Меѓутоа, САД го направија спротивното, односно, преземаа(т) чекори кои продуцираа(т) сериозно нарушување на меѓународната безбедност. Оттука се случија повеќе кризни ситуации со капацитет да го загрозат меѓународниот мир и безбедност, во кои, на еден или друг начин беа инволвирани САД.                                                            

Така, во 2001 година се случи војната во Македонија, (ако е за некаква утеха РМ ќе биде споменувана од политичката и научната јавност како земја каде започнаа војните во новиот век), терористичките напади во САД од 11 септември 2001, по што дојде војната на САД во Авганистан против меѓународниот тероризам и против режимот на Талибанците, споменатиот воен напад врз СРЈ и Ирак, воениот судир во 2008 година на Грузија со Русија во Јужна Осетија, настаните во Либија, Египет, Сирија, актуелните настани во Украина, групата „Исламска држава„...

Од друга страна, тенденцијата на САД да биде унилатерален регулатор на светските процеси наидува на отпор кај Русија со оглед на нејзината растечка моќ. Впрочем, претседателот на Русија, Владимир Путин, отворено вели: Со еден збор, не гледам причина што би го спречувало развојот на соработката меѓу Русија и САД, но, повторувам, само под услов да се однесуваат кон нас како рамноправен партнер.                   

Со други зборови, Русија посакува повторно воспоставување на разбиената рамнотежа на сили за да ја добие улогата од времето на блоковската поделеност. Ова пак не е во прилог на САД, која по падот на  комунизмот посакува да биде една доминантна структура што ќе ги насочува светските процеси согласно своите интереси.

Значи, на меѓународната сцена, освен САД, и Русија претендира за влијание во светските процеси и притоа отворено покажува дека лесно е отпишана од позицијата на светска супер сила, заради што, се повеќе инсистира на повраќање на некогашната позиција на рамноправен партнер со САД во одлучувањето за светските настани.         

Затоа, се чини дека сосема основано може да се изведе аргументот дека Новиот светски поредок проектиран од САД очигледно прераснува во сложен процес со неизвесен исход, односно, за поредок за кој што многу се зборува  меѓутоа сеуште не се знае како дефинитивно ќе изгледа и на чии интереси ќе служи.                                                           

Со еден збор, новиот светски поредок протежиран од САД започна да доживува одредени трансформации.  Според мене, се чини дека биполарниот модел на организација на моќта кој е во фаза на етаблирање со оглед на растечката моќ на Русија и враќањето на позициите на супер сила, во меѓународни рамки дава подобри шанси за светскиот мир. Овој модел овозможува спротиставување на униполарната доминација на САД, која, пак, го загрозува суверенитетот на одделни држави, како и меѓународниот систем во целина. Ова од причина што, во услови на приближно подеднакава моќ на САД и Русија, се намалуваат шансите за агресивни акции на еден доминантен центар или во случај такви акции да се преземат, се намалуваат шансите за нивниот успех.                                                           

Во краен случај, биполарниот систем воспоставен од Русија и САД треба да оневозможи една држава, или група држави, да воспостави универзална хегемонија. Затоа, од аспект на меѓународната безбедност е порационално, кога на сила и се спротиставува сила,  отколку кога на сила и се спротиставува немоќ.                                                                                    

Впрочем, поучен е примерот по Втората светска војна, кога се појави биполарна рамнотежа на силите меѓу САД и СССР. Стравот дека биполарниот карактер на моќта во меѓународните односи ќе доведе до војна се покажа како неоправдан, односно, и покрај разликите и блоковската поделеност, сепак, еквилибриумот на суперсилите се одржа приближно половина век. Се разбира, не мала улога имаше воспоставената „рамнотежа на страв„ од нуклеарно разорување на планетата Земја, меѓу двата центри на моќ.

Оттука, сметам дека за човештвото е посакуван актуелниот повратен процес на повторно воспоставување на старата рамнотежа на силите помеѓу САД и Русија. Се чини дека повторниот биполаризам на моќта помеѓу САД и Русија ќе доведе до поголема сигурност во времето што доаѓа.                                                                  

Наместо заклучок, сведувајќи ги впечатоците и сознанијата од извршената анализа ги оформувам и контурите за визијата на организацијата на моќта во меѓународни рамки во врска со прашањето - дали униполарниот или биполарниот модел дава подобри шанси за контрола на човечката моќ за деструкција во услови кога е илузорно да се смета дека може целосно да ја скротиме. Затоа, преостанува само можноста за скицирање на еден маневарски простор кој ќе доведе до намалување на безбедносните предизвици, а се чини дека биполарната структура на моќ е во таа насока. Дотолку повеќе, човечкиот потенцијал за насилство огромно се зголемува со подемот на технологијата, а пред се, со откривањето на нуклеарната енергија и развојот на ракетните системи, истовремено, свесни дека не можеме многу да додадеме на мислата на Русо кој за проектот за светскиот мир пишува како идеал положен на небото кон кој човекот треба да се стреми, свесен дека никогаш нема да го оствари. Зашто, како што забележуваат бројни автори, обидот да се забрани политиката е рамен на обидот да се забрани реалноста.