Јакимовски: Ја повлекуваме во Собранието нашата Иницијатива и предлог законот за амнестија за 27 април - еве ги причините


01.02.2023 | 15:25:27 | Прес Конференции


Јакимовски: Ја повлекуваме во Собранието нашата Иницијатива и предлог законот за амнестија за 27 април - еве ги причините

Прес конференција, Единствена Македонија
Кристијан Јакимовски - Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, среда, 1 февруари 2023 година

Почитувани,

Денес во Собранието ја повлековме нашата Иницијатива и предлог-законот за амнестија на неправедно осудените за 27 април.

Да потсетам, Единствена Македонија на 21 мај 2017 година до Собранието поднесе Иницијатива со целосен текст во форма на Предлог-закон за амнестијаза 27 април.

Талат Џафери на 23 февруари 2021 не информира дека нашата иницијатива и предлог-законот за амнестија се доставени до сите пратенции, но, до денешен ден остануваат закочени во собраниските фиоки.

Денес ги повлековме Иницијативата и предлог-законот за амнестија најмалку од две причини:

Прво, лицата неправедно осудени за „27 април“ се веќе шеста година во затвор, а нашиот предлог-закон за амнестија се уште е закочен во собраниските фиоки заради што веќе се губи смислата на амнестијата. Дотолку повеќе, деновиве слушнавме дека Врховниот суд треба да одлучува по Барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда со што се отвора патот за ново и фер судење за „27 април“.

Патем, и под претпоставка да се прифати амнестијата, тоа значи слобода за осудените лица преку милост од Собранието, но, неправедната пресуда и вина за тероризам останува засекогаш иако овие лица во никој случај не се терористи, туку се осудени поради љубовта кон Македонија.

Лицата на 27 април влегоа во Собранието со силна верба дека го бранат уставниот поредок, а не да нападнат некого. Било кој да беше на местото на нападнатите ќе се случеше истото на 27 април, бидејќи, претходно се создаде атмосфера дека е загрозен уставниот поредок. Ова беше потврдено при давањето на мандатот за состав на влада во тоа време, бидејќи тогашниот претседател на државата бараше гаранции токму за она за што сега се водат постапки со што и претседателот ја потврди општествената опасност.

Но, на крај дојде осудата за 27 април на повеќе од два века затвор со срамен и непристоен пазар на власта и судечката судијка - осуда во замена за судска функција.

Исто така и самите осудени сега кажуваат дека не сакаат милост со амнестија туку бараат правда и ново фер судење во кое ќе се види дека не се терористи.

Второ, деновиве слушаме дека во Собранието е поднесен нов предлог-закон за амнестија во координација на одредени надворешни структури како подносители и внатрешни пратенички структури кои севкупно се структури од т.н. шарена револуција која имаше задача за рушење на Македонија.

Би било смешно да не е тажно, дочекавме „шарените“ да бараат амнестија за неправедно и наменски осудените лица за 27 април. Во овој контекст, не сакаме и нашата иницијатива да се поврзува со некаква наменска иницијатива од шарените.

За крај, очекуваме Врховниот суд да биде на висината на задачата, да го врати предметот на повторно судење и во една правилна постапка и фер судење да се докаже монструозното местење на македонските патриоти осудени за 27 април на преку 200 години затвор.

Ви благодарам,

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, среда, 1 февруари 2023 година