Новогодишна честитка од Бачев: На Македонија и треба победи. Нека започнат победите во 2023 година


31.12.2022 | 15:07:19 | Соопштенија


Новогодишна честитка од Бачев: На Македонија и треба победи. Нека започнат победите во 2023 година

Новогодишна честитка, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, сабота, 31 декември 2022 година

Почитувани браќа Македонци и сестри Македонки      
Почитувани државјани на Република Македонија

2022 година е веќе зад нас, пред нас е новата 2023 година. Секој од нас си има свое видување за годината што измина и свои цели, желби и соништа за годината пред нас. И на секој од нас многу фактори му влијаеле на индивидуален план годината да му биде подобра или полоша.

Другата страна се случувањата во државата кои директно или индиректно влијаат на нашите животи.

На државен план, ќе се согласиме дека годината зад нас ја одбележаа настани кои и понатаму го доведуваат во прашање опстанокот на македонскиот народ и македонската држава. Во земјата владее безаконие, корупција, криминал и национално предавство.

Затоа, Битката за Македонија ја продолжуваме и во новата 2023 година, давајќи го максимумот за унитарна, подобра и поуспешна Македонија.

Сега е најбитно да си ја вратиме држават назад. Потоа, на економски план е лесно да се решат реалните проблеми на народот. Економската наука се погрижила да ги открие механизмите за развој и благосостојба на еден народ, треба само чесни политичари со национална и патриотска определба и со желба и љубов да му служат на сопствениот народ.

На партиски план Единствена Македонија продолжува со промовирањето на еден поинаков модел за иднината на Македонија заради што власта во Скопје во спрега со високи странски дипломатски и политички претставници, во заднина, зад завесата  и невидливо за јавноста води специјална војна против Единствена Македонија.

На државен план, ние во Единствена Македонија преземавме се што е во наша моќ за одбрана на националните и државните интереси заради што имавме бројни активности кои за жал се цензурирани и можат да се видат само на социјалните мрежи и партиската веб страна.

Меѓутоа, колку и да е голем растежот на Единствена Македонија ние мора да ја одбраниме Македонија имајќи ја предвид простата вистина дека доколку се растури државата сите ќе не затрупа во неа. Што ќе ни е партијата ако ја изгубиме државата!?

Почитувани,

Годината што измина сите сакаме што побргу да ја заборавиме, а и во годината што доаѓа Единствена Македонија останува на првата линија во одбрана на националните и државните интереси.

Цел свет гледа дека Македонците се цврсто решени да го спречат геноцидот врз македонскиот народ. Соочени сме со историски момент каде е важно како Македонци да останеме свои на своето.

Имаме милиони причини, историски или наметнати, политички или економски, реални или ирационални, за делби и поделби. Меѓутоа, една единствена мисла треба да ни биде заедничка за сите нас - ЉУБОВТА КОН МАКЕДОНЈИЈА! Кога тоа ќе го разбереме, ги отвораме вратите за решавање на сите сегашни проблеми и отвораме простор за иднината на нашите деца, на нашите семејства, на нашата единствена татковина МАКЕДОНИЈА!

Оваа битка можеме да ја добиеме само сплотени и единствени како Македонци оти ова не е битка за поединци, лидери или за власт, се бориме за опстанок на цел еден народ, нашата борба е исправна, нашата борба е света должност и затоа Македонија ќе победи.

На Македонија и треба победи. Нека започнат победите во 2023 година.

На крајот Ви посакувам Среќна нова 2023 година со многу желби за многу среќа и добро здравје!