Јакимовски: Наместо американски, спремни сме да понудиме наш тим за плата од 1 денар во битката со бандитите кои 30 години го пљачкат народот


11.12.2022 | 12:50:20 | Прес Конференции


Јакимовски: Наместо американски, спремни сме да понудиме наш тим за плата од 1 денар во битката со бандитите кои 30 години го пљачкат народот

Прес конференција, Единствена Македонија
Кристијан Јакимовски - Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, недела, 11 декември 2022 година

Почитувани,

Деновиве, вест број еден во Македонија е најавата на американската амбасадорка во Скопје за т.н. тим за санкции од САД кој ќе расчистува криминал и корупција во Македонија.

Од ваквата најава на „калето“, гледаме дека во Македонија се воодушевени и власта и опозицијата и албанските партии. Но забораваат дека Македонија 30 години тоне во беззаконие, криминал, корупција и национално предавство и дека исти партии се менуваат на власт 30 години, а на Македонија не и оди добро.

Единствена Македонија како и македонскиот народ се силно вознемирени од оваа најава која е длабоко навредлива за една држава. Голем срам е странците да ни кажуваат дека не е добро да се краде и дека тие што крадат треба да се апсат и да им се одземе украденото. Не може странците да бидат повеќе загрижени за иднината на Македонија од македонските патриотски и национални сили.

Затоа, во пресрет на доаѓањето на т.н. тим за санкции од САД, Единствена Македонија презема една поактивна улога за расчистување со  големото зло како што е грабеж на народот.

За што се работи?

Единствена Македонија е подготвена да понуди специјален тим за симболична плата од 1 денар кој има храброст и намера најпосле да го уништи криминалот во Македонија. Тимот би се состоел од петнаесетина лица со исполнување на неопходните услови: способност, знаење и достигнување и пред се лица со силна патриотска и национална определба на кои Македонија им е пред се, и над се.

Потребен е период од само две години работа на овој тим и гарантираме дека во Македонија приказната со грабежот на народот ќе заврши. Украденото ќе се конфискува, криминалците ќе завршат таму каде пропишува Кривичниот законик или кажано народски, се живо и диво што вршело грабеж ќе биде испоапсено.

Единствена Македонија е спремна да застане на браникот за расчистување со грабежот во Македонија. А што може да се очекува од една партија која во основа се бори за одбрана на македонските интереси.

За Единствена Македонија и народот повеќе нема дилема. Постои серизоен институционален, национален и патриотски дефект кај марионетите во Македонија да го решат  тоа што народот го очекува - расчистување со криминалот и корупцијата.

Единствена Македонија го прави долгоочекуваниот чекор. Знаеме, можеме и смееме да започнеме и да ја добиеме битката со бандитите во Македонија кои 30 години лажат, крадат и ја растураат државата. Целта на нашиот тим кој го предлагаме да работи за плата од еден денар, повторувам за само 1 денар, е да покажеме дека никој не е над законот и дека никој не смее да го пљачка својот народ.

Ви благодарам,

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, недела, 11 декември 2022 година