Бачев: Денес продолжи постапката пред Управниот суд за моето незаконско следење и прислушување од АНБ


16.11.2022 | 16:52:18 | Прес Конференции


Бачев: Денес продолжи постапката пред Управниот суд за моето незаконско следење и прислушување од АНБ

Изјава, Единствена Макеоднија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, среда, 16 ноември 2022 година

Почитувани,

-“Денеска ја продолжувам постапката во врска со незаконското следење и прислушување од страна на Агенцијата за национална безбедност во рамките на досието „Атлантик“.

Директорот на АНБ во законскиот рок од 30 дена не одговори на моето барање да даде известување за собирањето на тајни податоци. Исто така, и второстепениот управен орган не се произнесе по жалбата во рок од 30 дена, да, АНБ ги достави потребните податоци.

Затоа, денес поднесов тужба до Управниот суд со која ја продолжувам постапката, бидејќи, Управниот суд има овластување согласно Законот за управните спорови, поточно според член 60 ставот 2 да одлучи со своја одлука доколку јавниот орган, во случајот АНБ не донесе управен акт во рокот предвиден со законот. Да потсетам дека тајното следење и прислушување е преземано од 2018 година кога Единствена Македонија го предводеше Националниот Блок „Македонија - Бојкотира“ во кој се здружија 84 организации - партијата Единствена Македонија и 83 македонски здруженија од земјата и странство. Тогаш, познато е во јавноста, ние седум месеци водевме битка за референдумот и против промена на името и уставот на државата.

Затоа, денес ја поднесувам тужбата до Управниот суд, со цел да продолжи оваа постапка и да дојде до целосно расчистување на овој скандал со незаконското следење и прислушување спрема мене, бидејќи, од досието „Атлантик“ се гледа дека спрема мене се преземани три оперативно-технички средства: тајна контрола на телефон, тајно аудио и визуелно снимање и тајно следење и набљудување.

Да потсетам дека паралено имав преписка и со францускиот претседател Емануел Макрон, кого го информирав дека треба да се одбие агреманот за новиот амбасадор во Париз, кој, на предлог на владата треба да биде токму директорот на АНБ. Во ова писмено обраќање до Макрон, целосно се дадени причините зошто треба да биде одбиен овој агреман. Во повратната информација од Макрон, известен сум дека барањето е дадено во работа во неговиот кабинет на соодветен државен службеник и по него сега се постапува.

 Како и да е, очекувам сега од Управниот суд да ја расчисти оваа злоупотреба на тајната полиција, јас само можам да ветам дека ова ќе го истерам до крај и тоа не заради мене туку за сите граѓани во Република Македонија, бидејќи, недозволиво е тајната полиција да врши следење и прислушување на политичките неистомисленици на власта“.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, среда, 16 ноември 2022 година

Опсервер