Бачев: Ако името, нацијата, идентитетот се светости, наша света должност е да се бориме за овие светости


30.09.2022 | 16:25:00 | Прес Конференции


Бачев: Ако името, нацијата, идентитетот се светости, наша света должност е да се бориме за овие светости

Изјава, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, петок, 30 септември 2022 година

Националниот Блок „Македонија - Бојкотира во кој се здружија 84 организации - партијата Единствена Македонија и 83 македонски здруженија од земјата и странство во Битката за референдумот, во петокот, 30 септември ја одбележа четиригодишнината од големата референдумска победа.

Пред присутните свое обраќање имаше претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев, кој рече:

Добровечер браќа и сестри Македонци и Македонки

Добровечер мои соборци од „Македонија-Бојкотира“

Денес е голем и важен ден за Македонија. Ја продолжуваме големата традиција за одбележуваме на овој голем ден, на големата референдумска победа од 30 септември 2018 кога народот одлучно кажа „НЕ“ за приемот на Македонија во НАТО и на капитулантскиот договор со Грција и кога народот одлучно и порача на власта дека не го прифаќа овој договор и што мисли за договорот.

Морам да признам дека вечерва кај мене силно се помешани чувствата и емоциите. Од една страна, голема радост за референдумската победа, но, од друга страна голем револт, и жал, затоа што поминаа уставните измени и промената на името на државата.

За референдумот успеавме, но, за спречување на промена на уставот и името не успеавме.

Но, тоа не треба да не обесхрабрува, нашата борба продолжува, оваа традиција ќе ја продолжиме, и јас сум уверен дека во блиска иднина ќе славиме годишнина во услови кога преспанскиот договор ќе биде поништен.

Лошата работа е што, со овој договор се поништува се што е македонско, националниот карактер на Македонците, но, добрата страна е што договорот е ништовен според основниот документ на меѓународното договорно право - Конвенцијата за договорното право и овој договор ќе биде поништен.

Сега е потребно да дојде народна власт со силна национална и патриотска определба и со намера и храброст да го поништи овој договор. Ветувам дека јас лично и Единствена Македонија никогаш нема да го прифатиме овој договор.

Слушам деновиве од марионетскиот премиер и марионетскиот претседател, без срам и перде повикуваат на единство. Сакам да им порачам - КАСНО е. Не може да се прави со вас единство откако извршивте предавство и национално злосторство врз македонскиот народ. Сега сме поделени на тие што ја сакаат Македонија и на тие што ја мразат Македонија. Останува на нас во блокот што ја сакаме Македонија да се сплотиме и да го поведеме македонскиот народ во оваа битка за Македонија.

Велат дека името, идентитетот, нацијата се света работа. Ако е така, а така е, наша света должност е да се бориме за овие светости.

На марионетската власт може да и порачам дека они можат да бидат добри Грци, Срби, Бугари, Албанци, Натовци, Европејци, но, никогаш нема да бидат добри Македонци.

Затоа, народе македонски, нашата борба продолжува. Ќе бидам критичен и спрема мојот македонски народ, да се разбуди, да го победи стравот да се разбуди совеста. Го кажувам тоа искрено и критички, оти јас не сум во политиката да ја бара довербата од народот со лигавење, туку да ја кажувам вистината.

Затоа, македонски народе во стилот на македонската народна песна, доста е, разбуди се, не спиј ти. Заедно, сплотени и единствени да го поништиме ова зло што е надвиснато над Македонија.

Да сте живи и здрави,

Да живее организацијата „Македонија - Бојкотира“

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, петок, 30 септември 2022 година