Бачев: Ветувам дека Битката за Македонија ја продолжуваме и во новата 2022 година, давајќи го максимумот за унитарна, подобра и поуспешна Македонија


31.12.2021 | 14:15:10 | Соопштенија


Бачев: Ветувам дека Битката за Македонија ја продолжуваме и во новата 2022 година, давајќи го максимумот за унитарна, подобра и поуспешна Македонија

Новогодишна честитка, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, петок, 31 декември 2021 година

Почитувани браќа Македонци и сестри Македонки

Почитувани државјани на Република Македонија

2021 година е веќе зад нас, пред нас е новата 2022 година. Секој од нас си има свое видување за годината што измина и свои цели, желби и соништа за годината пред нас. И на секој од нас многу фактори му влијаеле на индивидуален план годината да му биде подобра или полоша.

Другата страна се случувањата во државата кои директно или индиректно влијаат на нашите животи.

На државен план, ќе се согласиме дека годината зад нас ја одбележаа настани кои и понатаму го доведуваат во прашање опстанокот на македонскиот народ и македонската држава.  

Битката за Македонија ја продолжуваме и во новата 2022 година, давајќи го максимумот за унитарна, подобра и поуспешна Македонија со своето вековно име - Република Македонија.

Сега е најбитно да си ја вратиме држават назад. После, на економски план е лесно да се решат реалните проблеми на народот. Економската наука се погрижила да ги открие механизмите за развој и благосостојба на еден народ, треба само чесни и честити политичари во интерес на народот и со желба и љубов да му служат на сопствениот народ.

На партиски план Единствена Македонија промовираше еден поинаков модел за иднината на Македонија што подразбира дека светот не завршува во Брисел и Вашингтон. Оваа наша определба наидува на голема подршка заради што марионетската власт во Скопје во спрега со високи дипломатски и политички претставници од НАТО и САД веќе четврта година во заднина, зад завесата  и невидливо за јавноста води специјална војна против Единствена Македонија.

Меѓутоа, колку и да е голем растежот на Единствена Македонија ние мора да ја одбраниме Македонија имајќи ја предвид простата вистина дека доколку се растури државата сите ќе не затрупа во неа. Што ќе ни е партијата ако ја изгубиме државата!?

Почитувани,

Во годината што доаѓа Единствена Македонија останува на првата линија во одбрана на националните и државните интереси. Давам збор, ветувам дека нема да ја предадеме Македонија, нашата земја, нашата татковина.  Нашата партија Единствена Македонија никогаш нема да ја предаде крвта на илјадници Македонци и Македонки кои ја пролеаа за нашата горда Македонија. Никогаш нема да го предадеме името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ. Кажувам директно и јасно - ние во Единствена Македонија сме во политиката да ги одбраниме македонските интереси. Македонија е нашиот дом, онака како што се бориме за нашите домови се бориме и за Македонија. Ова не е битка за власт, ова не е битка на индивидуалци и лидери. Тоа е минлива категорија, ова е битка за опстанок на цел еден народ, ова е битка за Македонија. Битка која само заедно можеме да ја победиме. Да ги збиеме редовите. Рамо до рамо, срце до срце, рака за рака. Сплотени и единствени како Македоци ништо не ни можат. Сите заедно, старо, младо, машко и женско на нозе се креваме. Нашата борба е исправна. Ние се бориме да останеме свои на своето, нашата борба е света должност и затоа Македонија ќе победи.

На крајот Ви посакувам Среќна нова 2022 година со многу желби за многу среќа и добро здравје.

 

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, петок, 31 декември 2021 година