Талевски: Пописот да се одложи, во спротивно ќе повикаме на неизлегување да го направиме фалсификуваниот и живото-загрозувачки попис неуспешен


31.08.2021 | 17:02:37 | Пописи


Талевски: Пописот да се одложи, во спротивно ќе повикаме на неизлегување да го направиме фалсификуваниот и живото-загрозувачки попис неуспешен

Во име на Националниот Блок „Не отворам врата, на денешната прес конференција, вторник, 31 август 2021 година, ставот околу пописот го пренесе Милан Талевски претседател на Унија на ветерани на ВМРО 1990 година која е член на Националниот Блок.

Почитувани,

Во име на Националниот Блок „Не отворам врата, ставот околу пописот ќе го пренесам јас Милан Талевски претседател на Унија на ветерани на ВМРО 1990 која е член на Националниот Блок.

Веднаш да кажам дека Националниот Блок „Не отворам врата“ бара одложување на пописот од најмалку пет причини:

Прво, според законот за попис ќе се попишува и резидентното и нерезидентното население што е недозволиво и неприфатливо, бидејќи никаде во светот според ниеден закон нема вакво решение. Според стандардите на ЕУ и Обединетите нации се попишува домашното население и лицата кои се во странство не повеќе од 12 месеци.

Второ, законот за попис предвидува врзан потпис на директорот на Државниот завод за статистика кој е од СДСМ и заменик директорот кој е од ДУИ и за да биде успешен пописот треба и двајцата да се согласат и доколку едниот не стави потпис, пописот е неважечки што самото по себе упатува на фалсификат, бидејќи со пописните резултати треба да бидат задоволни и СДСМ и ДУИ. Вакво решение нема во европското законодавство и документите на ОН.

Трето, законот за попис предвидува за отсутно лице податоци да даваат негови роднини, комшии, другари, пријатели.. а дури, овие лица ќе ја кажуваат и верската и национална определба на отсутно лице иако ваквите определби се лично право на секој поединец. Вакво решение нема во ниту еден европски и светски закон за попис.

Четвртата причина е тешката здравствена состојба во земјата. Кризата со коронавирусот покажува голем број на заболени, но и на смртни случаи. Сега е најважно здравјето на народот. Здравјето на луѓето не трпи политички калкулации.

Петто, во историјата на избори не е познато во исто време да има и попис и избори како што е случајот со Македонија каде ќе се спроведува и попис и избори.

Доколку не се прифати нашето барање за одложување на пописот, ќе повикаме на неизлегување, граѓаните да не отвораат врата и на тој начин ќе го направиме пописот неуспешен со мал процент на попишување за да и покажеме на власта дека не признаваме нелегален, нелегитимен и живото-загрозувачки попис.

Бараме власта да се вразуми и да овозможи попис во нормални услови и според стандарди на ЕУ и Обединетите нации како би имале попис според европски и светски пописен модел.

Ја повикуваме власта, посебно директорот на Државниот завод за статистика да престанат да лажат дека пописот е според регулативата на Европската Унија и според документите на Обединетите нации бидејќи на денешната прес конференција кажавме конкретни аргументи од кои се гледа дека домашниот закон за попис не е во согласност со законодавството на ЕУ и документите на ОН во оваа област.

Значи, доколку пописот се спроведе со решенија кои се спротивни на европскиот пописен модел и на документите на ОН, на повидок е фалсификување на пописот бидејќи пописот се сведува на политички процес според однапред договорени проценти а не на статистичка операција која треба да ја даде реалната бројка на населението во државата.

Националниот Блок „Не отворам врата“ со непризнавање на уште еден фалсификуван и живото-загрозувачки попис на конкретен начин покажува дека секогаш е до крај на страната на народот. Националниот Блок „Не отворам врата“ ќе продолжи одговорно да се однесува и останува целосно посветен на одложување на пописот.

За крај, повикуваме на сплотеност во битката против пописот бидејќи не смееме да дозволиме фалсификуван попис со кој дефинитивно се руши темелот на македонската држава и не смееме да дозволиме живото-загрозувачки попис во услови на пандемија во која секојдневно гледаме заболени и починати лица.

Ако го направиме пописот неуспешен ќе и покажеме на власта што мисли народот за фалсификуваниот и живото-загрозувачки попис, со што го отвораме патот попис да направи народна власт која реално и вистински, а не лажно и фалсификаторски, ќе го пребори населението во Република Македонија.

Ви благодарам,

Центар за комуникации на Националниот Блок „Не отворам врата“
Скопје, вторник, 31 август 2021 година