Бачев до амбасадорката на САД: Поактивна улога за исправање на неправдата, за иста правна и фактичка ситуација кај вас 8 месеци а кај нас 15 години затвор


22.07.2021 | 13:42:05 | Соопштенија


Бачев до амбасадорката на САД: Поактивна улога за исправање на неправдата, за иста правна и фактичка ситуација кај вас 8 месеци а кај нас 15 години затвор

Писмо, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, четврток 22 јули 2021 година

Драга амбасадорке,

Слушнав за првата казна од осум месеци затвор за немирите во американскиот Конгрес од 6 јануари во Вашингтон. Среќен сум што правосудството на Вашата земја постапува во согласност со правото при судењето на лицата кои влегоа во Конгресот да спречат потврда на победата на Џо Бајден.

Истовремено, загрижен сум од осудата на вкупна затворска казна од два века за лицата за настаните од 27 април 2017 година во македонскиот парламент.

Просечниот Македонец, драга амбасадорке, за осудата од осум месеци затвор за немирите во американскиот парламент и осудата од по 15 години затвор за немирите во македонскиот парламент, залудно бара логично објаснување за овие недоследности.

Тој залудно се обидува да пронајде објаснување како е можно за иста правна и фактичка ситуација, во САД да се изрекува затворска казна од осум месеци а во Македонија казна затвор од 15 години.

Драга амбасадорке, и ти и јас, добро знаеме дека лицата за настаните во македонскиот парламент се судени според логиката на политиката а лицата за настаните во американскиот парламент се судат според логиката на правото.

Верувам дека ќе се согласите дека едно повторно отворање на процесот со фер и чесно судење на лицата за настаните од 27 април е во интерес на вистината. Обновувањето на судскиот процес сигурно ќе донесе резултат кој ќе биде спротивен на очекувањата на оние што учествуваа во овој монтиран процес.

Имам задоволство да Ве информирам дека постојано ги следиме вашите активности во Македонија за подршка на независнота на правосудните институции, високо ги цениме вашите упорни усилби за промоција на правната држава и владеење на правото, почитување на основното човеково право на фер судење пред независен и со закон воспоставен непристрасен суд, а не со фрлање во затвор на неистомисленици.

Истовремено, чуствителни сме околу молкот изразен од ваша страна за овие недоследности со осудите во САД и Македонија за ист кривично-правен настан иако во изминатите 30 години амбасадата на САД реагира за секое прашање вклучително и избор на лидери на партии и инсталирање на власт во Скопје.

Верувам дека сега по првата осуда од 8 месеци затвор за немирите во американскиот Конгрес, ќе видиме ваша реакција за трасирање на демократски период кон повторно обновување на  судскиот процес за осудените од 27 април во македонското Собрание и со една поактивна улога ќе придонесете за примена на фер судење во еден обвновен процес за лицата од 27 април. Потенцирам дека осудените за 27 април на скоро 200 години затвор со лажен заштитен сведок во монтиран судски процес, не бараат милост, тука бараат правда. Моето обраќање до вас се темели врз едноставната правдина - фер и чесно судење.

Знам колку се овие прашања важни за вас и длабоко го ценам времето што ќе го употребите да ги разгледата моите размислувања.