Единствена Македонија: Опасна провокација на Џафери со промовирање на јазична федерализација во Брисел, бараме негово разрешување


30.06.2021 | 14:37:17 | Соопштенија


Единствена Македонија: Опасна провокација на Џафери со промовирање на јазична федерализација во Брисел, бараме негово разрешување

Единствена Македонија бара одговорност и разрешување на Талат Џафери поради кршење на уставот со обраќањето на Џафери на албански јазик во Брисел во својство на претседател на македонското собрание иако според македонскиот устав во меѓународните односи службен јазик е македонскиот јазик.

Талат Џафери продолжува со опасни провокации спрема македонскиот народ и македонската држава со промовирањето во Брисел на јазична федерализација како преодна етапа до територијална федерализација со крајна цел создавање Голема Албанија во која влегуваат и делови од Република Македонија.

Освен нелегално избран за претседател, најновата провокација и самоволието на Џафери за непочитување на македонскиот јазик како службен јазик е крајно вознемирувачки, опасно, голем срам и тешка навреда спрема Македонија на меѓународната сцена.

Единствена Македонија во име на македонскиот народ го предупредува Талат Џафери да не се расфрла со провокации по европските метрополи оти Македонците се при крај со трпението од секојдневните провоцирачки и веќе здодевни барања на албанското малцинство за нови и нови права.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, среда, 30 јуни 2021 година