Камиловски до хунтата на Заев: Нема да не уплашите со претресот во мојот дом и моето апсење по задача


20.06.2021 | 14:07:44 | Прес Конференции


Камиловски до хунтата на Заев: Нема да не уплашите со претресот во мојот дом и моето апсење по задача

Прес конференција, Национален Блок „Не отворам врата“
Марјан Камиловски, претседател на Здружението “Десница“ кое е дел од „Не отворам врата“
Скопје, недела, 20 јуни 2021 година

Почитувани,

Ви благодариме што се одзвавте на поканата на нашата прес конференција на која сакаме да информираме за континуираниот притисок врз Националниот Блок „Не отворам врата“ од страна на нелегалната хунта на Зоран Заев.

Како што знаете, Националниот Блок „Не отворам врата“ подолго време водеше кампања за одложување на пописот и во тоа успеа одложувајќи го до септември.

Оваа кампања успеа поради нашата теренска и онлајн активност, како и поради фактот, дека на кампањата се приклучи и ВМРО-ДПМНЕ, и другите помали партии и здруженија. По основ на непогодната епидемиолошка ситуација се постигна веќе споменатото одложување.

Сепак, епидемиолошката ситуација е само еден од трите услови за кредибилен попис, кој нашиот блок од една партија и 20 здруженија ги поставува. Другите 2 услова се, процесот да се прави со Македонски софтвер и со променета пописна методологија, а целата операција да биде изведена од страна на експертска влада, која по завршување на овие задачи и справување со Ковид кризата и спроведување попис според погоре наведените услови, би спровела и кредибилни парламентарни избори.

Во контекст на ова, Националниот Блок „Не отворам врата“ неодамна се состана и одлучи да ја реактивира кампањата, не отварам врата и не признавам нелегитимен попис, со цел исполнување на другите 2 услови кои предходно ги елаборирав.

Но, настаните кои ми се случија мене на 16.06.2021г, односно, полицискиот упад во мојот стан и моето приведување, ми давааат за право отворено да се сомневаме дека нашата политичка активност се следи, опструира и прислушкува, и врз нас се прави притисок како би ретерирале во ставовите околу пописот, а кој пак се масовно поддржани од граѓанството.

На ден 16.06.2021г, тргнав кон својот автомобил кој беше паркиран пред зградата во која живеам, со цел обавување на секојдневните активности. На паркингот бев пресретнат од полициски инспектор, кој културно се легитимираше и ми покажа налог за претерс на мојот стан, издаден од страна на истражен судија. Потоа се појавија и околу 10-тина полицајци од кои 4-рица во униформи на Специјалната полиција и видливо тешко вооружени. Морам да признаам дека се однесуваа пристојно и дека целиот процес помина без инциденти и немаше никакви провокации ниту од нивна ниту од моја страна, освен што се шегувавме за необично големиот број вооружени полицајци за приведување на уметник и политички активист. Посебно се изнасмеавме на мојата примедба дека тој кој испратил толкава вооружена сила по мене, очигледно ме поистоветил мене, МАријан Камиловски, академски сликар и цртач на стрипови и моето фејсбук Алтер-его Логан, односно суперхеројот Вулверин.

Но, законските членови по кои е наложен претресот не се наивни, напротив, само покажуваат како хунтата ги первертира законите и ги користи за политичка супресија и репресија. Од многуте членови наведени во налогот, запаметив само 2 -Велепредавство и Организиран криминал.

Освен што е прилично вознемирувачки и очекувано од страна на нелегалната хунта, ова беше и добар изговор за запленување на моите 2 компјутери и лаптопот, како и мојот личен мобилен телефон. На страна да го оставиме фактот дека компјутерите ми се основно средство за работа, бидеќи како ликовен уметник, тезгарам, правејќи графички дизајни, затоа што од денот на Комунистичко-балистичкиот преврат во Македонија и јас и повеќето колеги кои работевме проекти за предходната влада сега сме без работа, ситуацијата им овозможува и тотално да ги блокираат и моите политички активности во „Не отворам врата“ а кои се воглавно онлајн. При претресот, не беше пронајдено ни огнено, ни ладно оружје, ни распрскувачки материјали, било што би било компромитирачко, па поради тоа моето лишување од слобода беше кратко и заврши со моја изјава која воглавном се однесува на моите фејсбук статуси базирани на хумор и црн хумор, типичен за поднебјево и типичен за суперхеројот Логан чиј имиџ го имам превземено на мојот Фејсбук профил.

Се наметнува прашањето како ова да го сватиме?

Да ве подсетам на извонредниот роман, на сега починатиот италијански писател Умберто Еко „Името на розата“. Заплетот на овој славен роман се случува во среден век во Европа во која царува инквизицијата, и околу мистериозната забранета книга на Аристотел за која на крајот се испоставува дека е тоа книгата на комедијата. Без обзир дали зборуваме за инквизицијата, фашизам или комунизам, секој тоталитарен режим има проблем со духот од кој произлегува духовноста, духовитоста, смеењето, исмевањето, пародијата и вистината.

Ова го сваќаме како комплимент. Хунтата на Зоран Заев ни дава комплимент како на политички противници кои му задаваат сериозни удари, како што се успешната кампања за Бојкот на референдумот и одложување на пописот. Ова го сваќаме како покана за дуел, нормално мислиме на ТВ дуел помеѓу мене и водачот на хунтата Зоран Заев!

Би било убаво да и објасниме на јавноста што е тоа Велепредавство и Организиран криминал.

Според законот, под Велепредавство, член 305, се подразбира следново, (тој кој со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да го урне уставниот поредок на Р. Македонија или да ги собори легалните државни органи....и тн.)

Кој се вклопува во овој опис, Зоране Заев?

Кој дојде на власт со насилство, лаги, со шарена револуција, со кршење устав, со пеење албанска химна, со Тиранска платформа, со палење Претседателска канцеларија, ....дали е ова опис на мојот фејсбук профил или на твоето реално квази-политичко делување? Дали е сериозна закана мојот Фејсбук статус или палењето на Претседателската канцеларија или  тепањето и фарбањето полицајци? Дали е организиран криминал мојот Фејсбук статус или давањето Лажни пасоши на белосветски криминалци, набавката на вакцини преку фиктивна фирма во Хонг-Конг, ослободувањето на убијци, благи казни за шверцери на 750 кг. Кокаин, Ковид масакарот кој можеше да се превенира уште лани во август доколку се прифатеа Руските вакцини, да не зборуваме за Луј Витон ташните полни со милиони, и марихуана монополите итн,итн.

Би било убаво ова јас и ти да го изанализираме на Телевизија. Те уверувам дека сум обичен човек, и немам канџи од Адамантиум, како и тоа дека Логан е фиктивен карактер од стриповите и филмовите за суперхероите. Немој да се плашиш , барем што се однесува до мене твојата глава е сто отсто безбедна.

Центар за комуникации на Националниот Блок „Не отворам врата“
Скопје, недела, 20 јуни 2021 година