Клерикализацијата на свештенството на Светата МПЦ - ОА


13.04.2020 | 18:08:29 | Избори


Клерикализацијата на свештенството на Светата МПЦ - ОА

Веб колумна, Горан Неделковски член на Советот на Тврдокорни, понеделник, 13 април 2020

"Свештенство" кое не сведочи за Бог меѓу народот не е свештенство. "Свештеници" кои од било која причина се откажуваат од присуството на народот во Црквата не можат да се сметаат за сведоци за Светоста.

Не се согласуваме со предавничката покорност на комформизираните таканаречени отци кои наместо да и служат на Црквата и служат на политиката. Секоја борба за слобода била уценувана со можни казни не само за борците за слобода туку и за оние околу нив. И секогаш прифаќањето на уцената носела многу поголеми штети.

Посебно Верата не би била Вера ако не е подложена на испит во ризични ситуации. Целосниот коруптивен распад на политичкиот систем во Македонија не изостави да не го повлечи и поголемиот дел од свештеничко-монашкиот слој во коруптивна неодговорност.

Подолго време сведоци сме како СО РЕТКИ ИСКЛУЧОЦИ црковните пастири од сите свештенички нивоа наместо да го штитат Христовото стадо од волците, се сојузиле со нив и учествуваат во ништењето на стадото. Се спротивставуваме на антицрковните одлуки на клерикализираното свештенство кое е во сојуз со корумпираната политичка структура на штета на побожниот православен македонски народ. Ако ги примивте придобивките, поднесете ги и одговорностите на свештеничкиот позив.

Внатрешната побожност не може да биде целосен (полновалиден) израз за спасение на душата. Постојат канони (закони) дадени од свети луѓе преку силата на Светиот Дух каде се определени надворешни дејствени чинови (посебно чиновите на светите тајни) на оверување на верата во Бог.

НИЕ КАКО ПРАВОСЛАВНИ ХРИСТИЈАНИ НЕ МОЖИМЕ ДА ГИ ПОЧИТУВАМЕ ОДЛУКИТЕ НА ДРЖАВНИТЕ ОРГАНИ КОИ ОД НАС БАРААТ ДА СЕ ОТКАЖИМЕ ОД ВРШЕЊЕТО НА ТИЕ СПАСИТЕЛНИ ЧИНОВИ.

Затоа што Вера без тие освештени дела е мртва, празна вера. "Jас си верувам во душата" и демек затоа нема потреба од надворешни дејства е лажно самооправдување за страшливоста, мрзливоста или суетноста да се исполнат црковно определените чинови на докажување на израснатата вера во Бог. Оној кој се срами (или плаши) да ја изрази верата во Бог, така и Бог на судот ќе се срами за да се застапи за неговата душа.

Ние ниту имаме право ниту ќе им налагаме на оние кои од здравствено-безбедносни или било какви причини не сакаат да одат во Црква. Но црковните и логичните христијански правила се неспорно оние кои се погоре дадени и ќе се спротивставиме доколку некој им забранува на верниците кои САКААТ да ги исполнуваат верничките должности во нивните православни храмови.

Марко 8:38 „Зашто, кој се срами од Мене и од Моите зборови во овој прељубодеен и грешен род, и Човечкиот Син ќе се срами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Татко, со светите ангели.”

Затоа како разбојникот на распетието, и да не сме живееле исправно, во овие моменти одлучувачки за личното и народното спасение, да СВЕДОЧИМЕ ЗА ВЕРАТА ВО ХРИСТОС НАШИОТ БОГ како верни синови на светата Православна Црква која духовно воинствува на земјата.