(ВИДЕО) Билјана Џинго: Власта ја прифати нашата сугестија за помош од Кина, очекуваме барање за помош и од Русија


27.03.2020 | 14:26:45 | Избори


(ВИДЕО) Билјана Џинго: Власта ја прифати нашата сугестија за помош од Кина, очекуваме барање за помош и од Русија

Прес конференцијата, Коалиција „Никогаш северна-само Македонија“ Билјана Џинго членка на Извршниот комитет на Единствена Македонија Скопје, петок, 27 март 2020

Почитувани,

Познато е во јавноста дека од почетокот на кризата Коалицијата „Никогаш северна-само Македонија“ има активна улога со секојдневно предлагање на мерки во интерес на здравствената, социјалната и економската состојба во државата.

Во овој контекст, пред пет дена, ние во Коалицијата „Никогаш северна - само Македонија„ на прес конференција побаравме од владата веднаш да се обрати за помош во заштитна опрема и стручни лица од Русија и Кина.

Ова од причина што, кризата со коронавирусот се повеќе се шири, а власта во Република Македонија нема капацитет да се справи со оваа кризна состојба.

На синоќешната прес конференција, министерот за здравство Венко Филипче рече дека е побарана помош од Кина и дека се очекува одговор преку кинеската амбасада во Скопје.

Коалицијата „Никогаш северна - само Македонија„ ја поздравува одлуката на владата да побара помош од Кина и ние сме убедени дека помошта од Кина ќе дојде.

Ја користам приликата да се заблагодарам на власта иако засега само делумно ја прифати сугестијата на Коалицијата „Никогаш северна - само Македонија„ да се бара помош од Кина а не и од Русија.

Но, истовремено ја охрабруваме власта целосно да ја прифати нашата сугестија и веднаш да бара помош и од Русија. Гарантираме дека доколку владата упати барање, помошта ќе дојде и од Русија, бидејќи, Русија секогаш помага во болка. Тоа е во националниот карактер на Русите. Помошта е секогаш искрена и чесна.

Свесни сме дека власта е преплашена бидејќи во Брисел ќе бидат бесни кога во било кој контекст се спомнуваат Русија и Кина.

Но, сето тоа во овој момент е небитно. Сега е најважно е здравјето на народот. Здравјето на луѓето не трпи политички калкулации. Само така ефикасно ќе ги елиминираме последиците од оваа здравствена катастрофа.

Коалицијата Никогаш северна - само Македонија„ ги прави потребните чекори. На потег е владата.

Ви благодарам,

Скопје 1 Македонски весник Тајм