Бачев до Спасовски: Недозволиво е за кампања во услови на коронавирус да одлучуваш за сите со две македонски и дури пет албански партии


15.03.2020 | 21:25:07 | Избори


Бачев до Спасовски: Недозволиво е за кампања во услови на коронавирус да одлучуваш за сите со две македонски и дури пет албански партии

Изјава, Единствена Македонија проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија Скопје, недела, 15 март 2020

Претседателот на Единствена Македонија во изјава за јавноста во врска со загрижувачката состојба со коронавирусот рече:

- „Состојбата со коронавирусот во Република Македонија станува исклучително драматична и алармантна. За таа цел, гледаме една голема раздвиженост на државните органи кои преземаат активности согласно нивните уставни и законски овластувања. Еве, денеска слушнавме од Државната изборна комисија дека предлагаат одложување на изборите бидејќи не се во можност да ги преземат сите активности согласно Изборниот законик во услови на широка распространетост на коронавирусот. Исто така слушаме дека и Стево Пендаровски утре најавува некаков собир кај него и многу е веројатно дека и оттаму ќе стигне препораката за одложување на изборите. Здравствените власти, пред се министерството за здравство, исто така секојдневно ги презема своите со закон пропишани овластувања.

И до тука, се е во ред, за поздравување е однесувањето на државните органи. Меѓутоа, за длабока осуда е однесувањето на техничкиот премиер Оливер Спасовски. Гледаме деновиве Оливер Спасовски си свикува кај него некаков собир од само две македонски и дури пет албански партии кои треба да одлучуваат за моделот на изборната кампања за време на изборите.

Го прашувам Спасовски, од каде извира неговото право во потесен круг од две македонски и дури пет албански партии да одлучува за сите нас кои што ќе учествуваме на изборите., односно, да одлучува за сите политички субјекти кои имаат кандидатски листи на изборите. Го потсетувам Спасовски дека здравјето на луѓето е немерливо, здравјето нема цена. Затоа, Спасовски има обврска да ги свика кај него сите политички субјекти што ќе учествуваат на изборите, да го искористи целиот политички потенцијал во државата, целиот ум кој е концентриран кај партиите со цел да го слушне мислењето за оваа новонастаната ситуација со коронавирусот.Само така ќе имаме решенија и одлуки кои што ќе имаат најширок легитимитет кај македонскиот народ и државјаните на Република Македонија. Форматот од две македонски и дури пет албански партии е неприроден, неприфатлив и недозволив, бидејќи не ја отсликува реалноста во Република Македонија. Настрана прашањето дали и за ДПМНЕ и СДСМ може да се каже дека се македонски партии.

Спасовски има и уште една причина да ги свика сите политчки субјекти кај него, бидејќи не се работи за избори кои што се вообичаени и кои треба да се одржат во нормални услови, туку, се работи за избори кои имаат историско значење. На овие избори или ќе се зацементира бришењето на се што македонско, или, ќе победат националните и патриотските сили кои ќе ја вратат Република Македонија на изворните асномски и илинденски приципи. Односно, ќе победат националните и патриотските сили кои ќе ги поништат антимакедонските договори со кои се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ“ - потенцираше Бачев.

Скопје 1 Македонски весник