За политичкиот коронавирус - таткото и синот Димитрови


15.03.2020 | 12:35:33 | Избори


За политичкиот коронавирус - таткото и синот Димитрови
Колумна, „Портал Дудинка“, недела, 15 март 2020, проф д-р Јанко Бачев

Слушнав нешто за најновата колумна на Димитар Димитров, таткото на министерот за надворешни работи Никола Димитров пишувана за „Дојче Веле„ и си велам еве уште една голема потврда на она што го пишувам низ годините.

Многу имам пишувано дека коренот на злото со кое се соочуваме не можеме ниту смееме исклучиво да го бараме на друго место, во другите националности, во меѓународниот фактор, кај соседите или којзнае каде. Не! Коренот на злото е овдешен, во нас, во системот во кој живееме, во принципите што ги прифативме и според кои се раководиме во нашето живеење и делување, во власта, во партиите и личностите што ги подржувавме и избираме 30 години.

Имено, бугарашот Димитар Димитров во својата колумна „Уште еден акт на велепредавство“, пишувана во 1995 година вели: „Раката да му се исуши кој ќе стави потпис на промена на името“. Да потсетам, потпис на договорот за промена на името стави син му Никола.

Денеска пак, 14 март 2020 година истиот тој бугараш Димитар Димитров во својата колумна за Дојче Веле „Преспанскиот договор - заштитна повелба на македонската држава и нација напишал „Да е благословена раката што го потпиша Преспанскиот договор“.

За помладите да потсетам дека Димитар Димитров во два наврата бил министер за култура, во првата влада на Никола Кљусев и во Владата на Љупчо Георгиевски, па амбасдор.... Син му Никола Димитров беше функционер кај поранешниот премиер и претседател Бранко Црвенковски, па функционер кај Никола Груевски, па пребега кај Зоран Заев...

Со еден збор, ете какви превртливи лигуши и паразити 30 години водат државна политика и кои што се вртат секогаш на страната од каде што дува ветерот. Настрана ова, опасно е што Димитрови се со изгубено национално чувство и своевиден политички коронавирус кој го уништува македонскиот народ и македонската држава. Но, Димитрови се и добра поука за народот зошто нема повеќе право на грешка на изборите на 12 април. Во секое зло, добро!

Инаку, да појаснам дека терминот „бугараш„ не е моја измислица со цел да му наштетам или да бидам навредлив кон Димитров. Самиот Димитров не го крие своето бугарско самоопределување и во својата книга ’Името и умот’ тој вели дека е фрустриран од „искоренувањето на Македонците од нивните бугарски корени“.

За крај, таткото и синот Димитрови заслепени од власт одат дури и против природата. Според Договорот со Грција за промена на името, Македонците од Егејска Македонија и Македонците од Република Македонија се различни етноси, односно, според договорот егејците се грчи антички македонци а ние овдешните сме словени. Е сега, Никола Димитров е роден во Република Македонија, а татко му Димитар е роден во Егејска Македонија. Според преспанскиот договор тие -татко и син не се исти. Значи, со договорот одат дури против ПРИРОДАТА И ПРИРОДНИТЕ ЗАКОНИТОСТИ…

Затоа, почитувани читатели ценете сами кога Димитар Димитров е во право, кога вели раката да му се исуши кој ќе го смени името или кога вели благословена е раката што го промени името.

Кај мене пак, останува надеж дека народот нема да погреши на изборите на 12 април или било кога да се одржат - настан од историско значење на кои народот, а не некој странец ќе го даде одговорот - или ќе се зацементира бришењето на се што е македонско, или, на изборите ќе победат националните и патриотските сили кои ќе ја вратат државата на изворните илинденски и асномски принципи, односно, ќе ги поништат антимакедонските договори со кои се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.