Бачев: Станете да се бориме, стравот не е оправдување, ако ја изгубиме државата во туѓа држава уште повеќе ќе се плашите


02.08.2020 | 16:45:18 | Прес Конференции


Бачев: Станете да се бориме, стравот не е оправдување, ако ја изгубиме државата во туѓа држава уште повеќе ќе се плашите

Изјава, Единствена Македонија проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија Крушево, Мечкин Камен, сабота, 1 август 2020

Претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев кој ја предводеше партиската делегација која положи цвеќе на Мечкин Камен еден ден порано, на 1 август 2020, рече:

-„Од мое лично име и од име на Единствена Македонија, на македонскиот народ и сите државјани на Република Македонија им го честитам најголемиот празник на нашата држава Илинден и во тој спомен денес дојдовме да положиме цвеќе и да го одржуваме жив споменот на славниот Илинден, храбрите македонци и на нивната борба за слободна и независна Македонија.

Ние денеска дојдовме тука еден ден порано.  Утре чествувањето е во организација на претседател на Собрание кој не е Македонец и кој војуваше против македонската држава и македонскиот народ, а ќе дојдат и министри од марионетската влада кои се одродени Македонци со изгубено национално чувство. Затоа сме еден ден порано да положиме цвеќе, бидејќи Илинден е премногу важен, за да утре на истиот да дадеме легитимитет на непријателите на македонското дело.

Јас сум сигурен дека не постои Македонец и Македонка кои не си ја сакаат државата. Но, на овој голем и важен ден мора да го изразам големото разочарување, бидејќи ние, оваа генерација Македонци не сме на висината на задачата. Ние ја губиме државата и сето тоа немо го гледаме и си молчиме, како Македонци покажуваме знаци дека го губиме државотворниот капацитет, нешто што е најстрашно.  

И како оправдување на сето тоа да не се бориме, слушам луѓето биле уплашени. Некои биле уплашени да не добијат отказ од работа, на некои им било ветувано дека ќе ги вработат, некои биле уплашени да не им ја укинат социјалната помош, некои дали ќе добијат пакети со храна, некои биле уплашени дачи ќе извадата дозвола за работа, некои биле упкашени да не и ја земат лиценцата за работа... Уплашени биле луѓето.

А од друга страна гледаме како државата ни се растура и утре може да се разбудиме во некое друго државно уредување, во бугарско, албанско или било какво. И јас сега прашувам, ако непријателите на македонското дело ја остварат целта и утре се разбудите во некоја друго државно уредување без своја држава, дали тогаш нема да се плашите за својата работа, дали нема да се плашите за социјална помош, за своите дозволи и лиценци... Браќа Македонци и сестри Македонки, тогаш уште повеќе ќе се плашиме оти ќе живееме во туѓа држава и нема да бидеме свои на своето.

Време е да станеме и да кажеме ова е наша држава, ние одлучуваме, да понудиме одговор и во име на нашите претходници и потомци, да си ја вратиме државата назад и силно да извикаме: Да, јас бев дел од таа генерација Македонци, и си ја зачував државата. Се додека имаме наша држава можеме да ги оствариме нашите идеали и визии и да си ја направиме државата убаво место за живеење, бидејќи, економската наука ги измислила механизмите како се прави држава со убав стандард. Треба само чесни политичари со силна патриотска и национална определба.

Да ве потсетам, не им било лесно и на нашите претходници. Можеле и Гоце Делчев и Даме Груев да си бидат учители, да седат мирни со учителската плата и да не бидат револуционери. Можел и Никола Карев да не се нафати да биде претседател на Крушевската Република. Можел и Питу Гули да не оди на Мечкин Камен. Можеле илјадници Македонци и Македонки да се плашат и да си седат дома и да не одат во планините. Ама ако било така ќе ја немаше Македонија.

Моја обврска е да ви го кажам ова. Јас не сум во политката да ја барам довербата со лигавење кон народот, туку со вистината. Станете да се бориме за нашата држава, нашата татковина и да ги запреме овие марионети на „ѕверот“ кои 30 години ни ја уништуваат државата. 

Во битката за Македонија, Единствена Македонија секогаш ќе биде на страната на македонскиот народ. Илинден е голем и важен ден кој не задолжува да ги победиме непријателите на македонското дело.

Браќа Македонци и сестри Македонки, секогаш кога ќе се плашите сетете се на оваа порака сите вие кои сметате дека е соодветна.

Нека е честит и вековит Илинден. Нека е вечно делото на двата Илиндена, 1903 и 1944 година. Нека е вечна славата на борците за слободна и независна Македонија. Да ни е вечна Република Македонија“ - се наведува во изјавата од претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев на Мечкин Камен по повод празникот Илинден.

  Центар за комуникации на Единствена Македонија Крушево, Мечкин Камен, сабота, 1 август 2020