Тодоров: Преговорите за кризата меѓу две македонски и две албански партии се неприродни и штетни за националните интереси


10.07.2016 | 11:02:19 | Прес Конференции


Тодоров: Преговорите за кризата меѓу две македонски и две албански партии се неприродни и штетни за националните интереси

Прес конференција, НДМ Ѓорги Тодоров, член на Извршниот комитет на НДМ Скопје, 10.07.2016 (недела)

Oколу 18 месеци земјата е заглавена во длабока политичка криза со перспектива да ја вовлече земјата во граѓанска војна, а решение за кризата нема на повидок.

Истовремено, се гледа дека барањето решение само меѓу четирите партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА не дава гаранција за решение во корист на сите граѓани.

Оттука, НДМ презема една поактивна улога и на овој план и на денешната прес конференција ја известуваме јавноста дека ќе поднесеме предлог до ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за промена на форматот на учесниците во преговорите за кризата.

Во моментот, сведоци сме дека решение за кризата се бара според формулата за учество само на две македонски и две албански партии.

Од друга страна, според предлогот на НДМ, решение треба да се бара според формулата за учество на 15 партии во преговорите во следниот формат: турска, српска, ромска, влашка, бошњачка, две албански и осум македонски партии.

Појдовна основа за предлогот на НДМ е последниот попис во 2002, иако како што е познато, за НДМ овој попис е сомнителен, заради што, уште во 2009 НДМ поднесе до Државното обвинителство кривична пријава за фалсификување на пописот во 2002.

НДМ го предлага овој формат на учесниците во преговорите од најмалку две причини:

Прво, преговорите за кризата од поголем обем со формирање на поширок преговарачки политички блок и со учество на поголем број партии дава можност за решение со најширок можен легитимитет, а во моментот на земјата и треба токму излезно решение прифатено од македонскиот народ и сите национални малцинства во земјата.

Второ, формулата за решение со учество само на две македонски и две албански партии е неприродна, неприфатлива и недозволива состојба како за нашата партија НДМ така и за пошироката македонска јавност бидејќи таквата состојба не ја отсликува македонската реалност, недозволиво го фаворизира албанското во однос на сите други малцинства во земјата, и не дава гаранција за целосна заштита на виталните национални и државни македонски интереси и интересите на малцинствата кои живеат во Македонија.

Почитувани присутни,

Евро-амбасадорот Аиво Орав пред три дена изјави, цитирам: „Ние ги зближивме, им обезбедивме преговарачка маса. Но ние нема да им кажеме што треба да одлучат, тоа зависи од нив. Не можеме да им кажеме дали треба да повикаат други партии или други претставници. Не е задача на Европската Унија да назначува кој со кого треба да разговара„ - завршен цитат.

Значи, по ваквата јасна изјава на Орав дека форматот на учесниците во преговорите е домашно прашање, а не прашање на Европската Унија, НДМ ги повикува Никола Груевски и Зоран Заев да се раководат од националните и државните македонски интереси и интересите на Макеодонија и веднаш да ја отстранат неприродната состојба во актуелните преговори за политичката криза со учество на две македонски и две албански партии.

На крајот од оваа прес конференција, НДМ ја користи приликата да ги праша Груевски и Заев, зарем не им е доволно поучен примерот со нивните претходници Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски кои во Татковинската војна во 2001  год. и преговорите за т.н. рамковна спогодба ја прифатија формулата за преговори со учество само на две македонски и две албански партии, заради што, државата излезе поразена, понижена и посрамемна со немерливи последици до денешно време.

Ви благодарам за присуството,

Медиуми:

ТВ 24Вести

ТВ Нова

А1он

Локално

Пинг

Подгорци

Грид

Тајм

Дејли

Б2

Веб страна

Канал Јутуб