НДМ и официјално побара од Собранието државен фонд од 50 милиони евра за поплавите од шест извори на средства


14.08.2016 | 10:34:52 | Прес Конференции


НДМ и официјално побара од Собранието државен фонд од 50 милиони евра за поплавите од шест извори на средства

Изјава, Панче Жежовски, член на Извршниот комитет на НДМ Скопје, 14.08.2016 (недела)

Почитувани,

Како што е познато, на вчерашната прес конференција на Народно движење за Македонија најавивме дека ќе поднесеме до Собранието Предлог-заклучок за разгледување на денешната итна собраниска седница за формирање на државен солидарен фонд од 50 милиони евра за поплавите обезбедени од 6 извори на средства.

Денес, како што можете да видите, НДМ поднесе предлог-заклучок до Собранието.

Со Предлог-заклучокот се бара Собранието да ја задолжи Владата, веднаш да формира државен солидарен фонд за помош на оштетените граѓани во висина од 50 милиони евра, кој износ ќе се обезбеди од шест извори образложени во предлогот.

Се работи за предлог-заклучок со конкретни мерки за да им се помогне на граѓаните од поплавените подрачја.

НДМ е длабоко убедено дека Собранието врз основа на расправата по повод Информацијата на Владата за состојбата и за преземените мерки во насока на санирање на последиците, ќе го усвои предлог заклучокот на НДМ.

Ова од причина што, севкупно од посочените шест извори се обезбедуваат 50 милиони евра кои ќе им бидат поделени на оштетените семејства.

Обрнуваме внимание дека со издвојувањето на овие средства во државниот фонд за поплавите, на ниту еден начин не се доведува во прашање функционирањето на државата и нејзиниот поредок утврден со Уставот.

Велат дека пратениците се избрани претставници кои работат во интерес на граѓаните.

Пратениците како народни избраници имаат силна уставна и човечка должност да им помогнат на погодените граѓани.

НДМ ги повикува пратениците во Собранието на Република Македонија да го усвојат предложениот заклучок, со што се отвора можност да им помогнеме на оштетените граѓани со 50 милиони евра на кои во овој момент тоа им е најпотребно.

Паричните средства нема да ги залечат раните од претрпените загуби на нашите сограѓани, но, преку формирањето на државен фонд од 50 милиони евра се надеваме дека барем малку ќе им го олесни санирањето на штетите во домовите.

Сега не е време за политика.

Сега е момент за хуманост и дело.

Ви благодарам,

МТВ 

ТВ Сител

Интегрален текст до Собранието

ИТНО

До Претседателот на Собранието на Република Македонија

Предмет: Доставување Предлог-заклучок,-

Со цел да дадеме сопствен придонес околу санирањето на штетите од поплавите кои се случија на 6 август 2016 во околината на градот Скопје, Народно движење за Македонија во прилог ви доставува Предлог-заклучок за формирање на Државен солидарен фонд во висина од 50 милиони евра кои би се обезбедиле од шест извори на средства, кој бараме согласно Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија на денешната итна собраниска седница да го доставите на сите пратеници.

Согласни сме истиот во свое име да го процесуира пратеничка група или независен пратеник, доколку се согласуваат со содржината на Предлог-заклучокот за формирање на Државен солидарен фонд во висина од 50 милиони евра.

Со почит,

Дел. број 094/2016 Претседател на Народно движење за Македонија 14 август 2016 д-р Јанко Бачев Скопје

П Р Е Д Л О Г

Врз основа на член 68 став 2 од Уставот на Република Македонија, расправајќи по Информацијата на Владата на Република Македонија за состојбата и за преземените мерки во насока на санирање на последиците во подрачјата погодени од временските непогоди од 6 август 2016 во околината на Скопје, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на ден 14 август 2016 го донесе следниот

З А К Л У Ч О К

1. Собранието на Република Македонија ја задолжува Владата на Република Македонија да формира државен солидарен фонд за помош на оштетените граѓани во поплавите од 6 август 2016 во висина од 50 милиони евра.

2. Паричните средства од точка 1 ќе се обезбедат од следните извори:

- Собранието да ја задолжи Владата, од профитот на двете државни јавни претпријатија МЕПСО и ЕЛЕМ во Фондот да биде уплатени вкупно 18,2 милиони евра и тоа: 11,5 милиони евра од профитот на МЕПСО и 6,7 милиони евра од профитот на ЕЛЕМ.

- Собранието да ја задолжи Владата, дивидентата за 2015 во висина од 8,35 милиони евра што ќе ја добие државата во септември 2016 за уделот од 34,8 отсто во капиталот на Македонски телеком, да биде уплатена во Фондот.

- Собранието да ја задолжи Владата, вишокот средства од Буџетот за 2016 во износ од 1,95 милиони евра што се распределува на сите општини во земјата, да се уплатат во Фондот.

- Собранието да објави апел до ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, средствата што овие две партии ги добиваат од буџетот за годишно финансирање за 2016 во висина од 1 милион евра и средствата во висина од 280.000 евра од буџетот за 2016 за годишно финансирање на нивните партиско истражувачки-аналитички центри, да бидат уплатени во Фондот.

- Собранието да ја задолжи Владата веднаш да упати апел до сите странски инвеститори да донираат парични средства во Фондот. Ваквиот апел е длабоко оправдан земајќи предвид дека странските инвеститори во земјата добија бројни погодности како на пример; бесплатни парцели, бесплатно инфраструкутрно поврзување, даночни ослободувања, ослободување од придонеси за вработените и слично). Доколку досегашните странски инвеститори во земјата донираат во Фондот по за нив симболични суми од по 50.000 евра, ќе се дојде до износ од околу 5 милиони евра.

- Собранието да објави апел до, Савка Тодорова, Штерјо Наков, Доне Таневски, Глигорие Гоговски, Свето Јаневски, Ристо Гушков, Минчо Јорданов, Симон Наумовски, Ванчо Чифлиганец, наследниците на Трајче Мукаетов и др. веднаш да уплатат во Фондот по 1 милион евра лични средства. Ваквиот апел е длабоко оправдан бидејќи овие личности во криминалната, неморалната и неправедната приватизација без ниту еден денар од сопствениот џеб си поделија општествен капитал во вредност од околу 1 милијарда тогашни германски марки, а кој капитал на назад 50 години го создаваа сите работни луѓе во времето на социјализмот.

3. Овој заклучок да се достави до Владата на Република Македонија.

О б р а з л о ж е н и е

На 6 август 2016 околината на градот Скопје беше погодена од големо невреме со силен дожд и грмотевици. Поплавите и свлечиштата предизвикани од невремето земаа 21 жртва, уништија илјадници домови, предизвикаа огромна материјална штета.

Една недела по разорните поплави сега за оштетените последиците се потешки од невремето. Затоа потребна е соодветна акција со конкретни заклучоци за да се надмине оваа кризна состојба и за да им се помогне на граѓаните.

НДМ предлага Собранието врз основа на расправата по повод Информацијата на Владата за состојбата и за преземените мерки во насока на санирање на последиците, да гo донесе предложениот заклучок со кој Собранието ќе ја задолжи Владата, веднаш да формира државен солидарен фонд за помош на оштетените граѓани во висина од 50 милиони евра, кој износ ќе се обезбеди од наведените шест реални извори.

Севкупно, од наведените шест извори се обезбедуваат 50 милиони евра кои ќе им бидат поделени на оштетените семејства. Издвојувањето на овие средства на ниту еден начин не го доведуваат во прашање функционирањето на државата и нејзиниот поредок утврден со Уставот.

Пратениците како народни избраници имаат силна уставна и човечка должност да им помогнат на погодените граѓани. Не случајно се вели дека пратениците се избрани претставници кои работат во интерес на граѓаните.

НДМ ги повикува пратениците во Собранието на Република Македонија да го усвојат предложениот заклучок, со што се отвора можност да им помогнеме на оштетените граѓани со 50 милиони евра на кои во овој момент тоа им е најпотребно.

Паричните средства нема да ги залечат раните од претрпените загуби на нашите сограѓани, но, преку формирањето на државен фонд од 50 милиони евра се надеваме дека барем малку ќе им го олесни санирањето на штетите во домовите.

Впрочем, преку вклучувањето на државата во помош на настраданите подрачја, ќе дојде до израз силната обврска на државата за грижа спрема сопствените граѓани.

Сега не е време за политика. Сега е момент за хуманост и дело.

Заради тоа, сметаме дека е потребно Собранието на Република Македонија да расправа и да го усвои предложениот заклучок.