ДИК бара незаконски докази за кандидатите за пратеници


09.11.2016 | 00:43:25 | Прес Конференции


ДИК бара незаконски докази за кандидатите за пратеници

Прес конференција, НДМ д-р Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, 9 ноември 2016

Почитувани,

Државната изборна комисија врши злоупотреба на службената положба со тоа што од подносителите на листи бара за секој кандидат да приложат уверение од судот за негова неосудуваност, иако тоа не е предвидено со закон.

Во членот 64 став 2 и 6 од Изборниот законик е пропишана содржината на листата за пратеници и доказите кои е потребно да се приложат кон кандидатската листа.

Според овој законски член, во прилог на кандидатската листа се поднесува договор за коалицирање, потврда од Централниот регистар и доказ за регистрација на политичката партија.

Значи, никаде не е пропишана обврска за доставување на доказ за секој кандидат дека не е осуден со правосилна судска одлука.

И не случајно во Изборниот законик нема ваква обврска, бидејќи во член 106 став 5 од Кривичниот зкаоник е пропишано, цитирам: „никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност„.

Значи, ДИК со тоа што бара од кандидатите за пратеници доказ за нивната неосудуваност поставува услов кој нема правен карактер.

Ваквото однесување на ДИК е класичен пример за злоупотреба на службената положба и води кон рушење на правната држава.

НДМ е силно изненадени и од правната неписменост на опозицискиот СДСМ кои на вчерашниот прес во врска со проблемот што го имаат со судот околу издавањето на уверенијата за неосудуваност изјавија дека согласно Изборниот законик кандидатите за пратеници до ДИК треба да поднесат Уверение за неосудуваност.

Го повикуваме Петре Шилегов да каже според кој член од Изборниот законик е предвидена оваа обврска.

Поточно е ако се каже дека наивно сме верувале дека членовите на ДИК ќе го штитат изборниот процес од било какви нерегуларности. Па, тогаш кој ќе зема по 25 илјади евра на име патни трошоци?!

Почитувани присутни,

Како и да е, Народно движење за Македонија ќе учествува на изборите на 11 декември, бидејќи токму НДМ го започна процесот на демонтирање на двопартизмот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, решително, храбро, и во интерес на народот.

Меѓутоа, расчистувањето со овие прашања е битно за владеење на правото и изборите и во иднина.

Оттука, доколку ДИК опстои на незаконското постапување да бара доказ за неосудуваност на кандидатите за пратеници, НДМ ќе поднесе кривична пријава против членовите на ДИК.

Благодарам,

МТВ (по 26м:20с.)

Мактел