Продолжуваме со правната битка, ДИК мора да ја почека новата одлука на Управен суд


18.11.2016 | 00:35:13 | Прес Конференции


Продолжуваме со правната битка, ДИК мора да ја почека новата одлука на Управен суд

Прес конференција, НДМ д-р Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, 18 ноември 2016

Почитувани,

На денешната прес конференција ја запознаваме јавноста со најновите поднесоци на НДМ до ДИК и до Управниот суд.

Веднаш да кажам за поднесоците до Управниот суд поднесени денеска.

Станува збор за 7 предлози на НДМ за дополнување на седумте пресуди на Управниот суд во врска со постапувањето на судот по решенијата на ДИК за отфрлање на сите седум листи на НДМ за кандидати за пратеници.

НДМ го прави ова од причина што во пресудите на Управниот суд има голем пропуст.

Имено, Управниот суд воопшто не расправал по поставените барања во седумте тужби на НДМ, и согласно член 7-а од Законот за управните спорови а во врска со член 328 став 1 од Законот за парничната постапка, странката може да предложи да се изврши дополнување на пресудата доколку судот пропуштил да одлучи за сите барања за кои мора да одлучи со пресудата или пропуштил да одлучи за дел од барањето.

НДМ како тужител има поставено јасни барања во тужбата, меѓутоа, судот не расправал за истите.

Во предлозите ќе видите дека НДМ постапи во целост по Известувањето на ДИК од 12.11.2016 за отстранување на неправилностите на Листите на НДМ, но, останува нејасно зошто судот иако има законска обврска да се произнесе по барањата во тужбата, воопшто не расправал за барањата во тужбите на НДМ.

Ова се седумте предлози на НДМ за дополнување на пресудите на Управен суд поднесени денеска и кои ќе ви бидат поделени за да види јавноста дека Управниот суд воопшто не расправал по барањата во тужбите на НДМ.

Ова е многу битен момент бидејќи доколку судот расправал за барањата во тужбата, произлегува дека тужбата се уважува, решенијата на ДИК се поништуваат и се пресудува дека Листатите на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија поднесени од Народно движење за Македонија се потврдуваат.

Ова е последната правна можност на домашен терен, НДМ сепак да излезе на избори.

Сакаме да веруваме дека Управниот суд овојпат ќе одлучува по логиката на правото, а не по логиката на политиката и политичките сценарија на кои е изложен НДМ по секоја цена да се тргне од изборниот процес.

Управниот суд во рок 24 часа треба да се произнесе по предлозите на НДМ, и во моментот ДИК има законска обврска да ги запре активностите до одлуката на судот

Накратко и за дописот до ДИК.

Со вчерашниот допис до ДИК бараме појаснување на што се должи несовпаѓањето на потписите кај двајца членови на ДИК во решенијата на ДИК за отфрлање на листите на НДМ за изборите на 11 декември и решенијата на ДИК во врска со листите на НДМ за изборите што требаше да се одржат на 5-ти јуни.

Да потсетам, НДМ поднесе листи во сите изборни единици и за изборите кои што требаше да се одржат на 5-ти јуни а по кои ДИК донесе соодветни решенија.

Исто така, со дописот до ДИК, согласно Изборниот законик бараме нашиот овластен претставник да изврши увид во поднесените листи и прилозите кон листите кои се доставени до ДИК од страна на останатите политички партии за изборите на 11 декември, па да видиме што има кај тие листи што наводно го нема кај нашите листи.

Почитувани присутни,

Расчистувањето со овие т.н изборни прашања е битно за изборите и во иднина, како и за владеење на правото.

Затоа, НДМ продолжува со правната битка за разобличување на перфидните игри со листите на НДМ за пратеници.

Ви благодарам,

Медиуми:

МТВ (после 10м:43с)

МТВ

А1 он

Стандард

Тајм

Вести

Дејли

НДМ Канал Јутуб