Бачев: Еве како и зошто не спречија да учествуваме на изборите на 11 декември


20.11.2016 | 00:31:53 | Прес Конференции


Бачев: Еве како и зошто не спречија да учествуваме на изборите на 11 декември

Прес конференција, НДМ д-р Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, 20 ноември 2016

Почитувани,

Денес споделуваме со јавноста документи и информации од кои јасно се гледа дека Народно движење за Македонија е смислено тргнато од изборите на 11 декември.

Еве како и зошто е изведено наменското отстранување на НДМ од изборите!

НДМ на 11 ноември поднесе Листи на кандидати во сите седум изборни единици.

Повратно, ДИК со седум Известувања под број 10-3088 од 12 ноември не информираше дека треба да ги остраниме констатираните неправилности кои се сведуваат на тоа дека за 4 кандидати немало потпишано изјави за кандидатура, за 3 кандидати немало уверение за неосудуваност со намена за пратеник, за два кандидати имало истечен рок на важење на лична карта и дека во една листа немало 40% кандидати-жени.

Како што гледате, нема ниту збор за некакво несовпаѓање на потписи како неправилност во Известувањата на ДИК со кои официјално се утврдуваат неправилности кај подносителите на Листи на кандидати.

Ова се тие седум Изветувања на ДИК кои ќе ви бидат поделени.

По ова, НДМ, на 13 ноември, во законскиот рок од 48 часа достави до ДИК допис со докази со кој целосно се отстранети сите неправилности констатирани од ДИК.

Ова е Известувањето на НДМ до ДИК од 13 ноември.

И тука завршуваат сите активности - според Изборниот законик, Листите или се отфрлаат или се потврдуваат ако се отстранети неправилностите.

Како што спомнав, НДМ во законскиот рок од 48 часа во целост ги отстрани неправилностите и ДИК беше во обврска да ги потврди Листите на кандидати на НДМ.

Меѓутоа, во стилот на мафијашките организации, во раните утрински часови, поточно на 14 ноември околу 4 часот наутро ДИК заседава и дополнително утврдува наводни неправилности дека потписите на НДМ биле спорни.

Ваквото однесување на ДИК е противзаконско, бидејќи, прво, изминат е рокот од 48 часа во кој ДИК може да утврдува неправилности, и второ, ова за нас е непознато и не можеме да се произнесеме.

Значи, со измислената неправилност на потписи, ДИК го отстранува НДМ од изборите.

За да биде поуверливо, сценаристите на овој гнасен чин ги брифираат новинарите кои на 14 ноември цел ден информираат дека на листите на НДМ наводно има спорни потписи со што на најбескруполозен начин се оцрнува нашата партија.

Иако како што спомнав, од најкомпетентното место - ДИК, со своите седум Известувања не утврдува неправилност во врска со потписите на кандидатите на НДМ.

НДМ најодговорно тврди дека потписите на сите 123 кандидати за пратеници се уредни.

По ова, предметот оди во Управниот суд и тука НДМ наидува на уште еден противзаконски удар, овојпат од судот.

Управниот Суд ги одбива тужбите на НДМ без да расправа за тужбите.

Секој студент на Правен факултет знае дека судот има обврска да расправа по барањата на тужителот, но, судот не расправа за ниту едно барање од тужбата на НДМ.

По ова, НДМ ја користи и последната законска можност на домашен терен.

Откако ги добивме пресудите, во законскиот рок од 24 часа, на 18 ноември до Управниот суд поднесовме седум предлози за дополнување на седумте пресуди на судот, бидејќи како што спомнав, судот не расправал по тужбените барања на НДМ.

Ова се седумте Предлози на НДМ до судот.

Судот бил во обврска за нашите предлози за дополнување на пресуди да расправа во рок од 24 часа, но, иако тече третиот ден судот сеуште не расправал, дури, според нашите сознанија, нашите предлози се закочени во ДИК и не се доставени до судот.

Со еден збор, Листите на НДМ се отстранети според политиката и политичките сценарија со директно кршење на Изборниот законик.

Кога сме кај непочитувањето на Изборниот законик, уште да спомнам дека НДМ на 17 ноември до ДИК поднесе барање за увид во изборните листи на останатите партии за да видиме што тоа има кај тие листи а го нема кај нашите, но, и по 4 дена ДИК не дозволува увид иако законот му го дава тоа право овластениот претставник на НДМ.

Кои се причините за сето ова?

Имено, познато е дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ речиси секојдневно прават анкети за нивни внатрешни потреби кои не одат во јавноста.

Една од последните анкети им покажала дека НДМ кој не прифати предизборно коалицирање со никој и го започна процесот на разбивање на двопартизмот, храбро, решително и во интерес на народот, на изборите ќе освои 5 до 7 пратеници, додека останатите учесници од македоскиот блок кој во еден дел се по нарачка и контрола на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, нема да освојат ниту еден пратеник.

Пресметките на т.н. две големи партии им покажале дека бројката од 5 до 7 пратеници на НДМ ќе биде клучна за мозинството со што своевиден победник на изборите всушност ќе биде НДМ, бидејќи правеле споредба со хрватскиот случај каде ХДЗ имаше 61 пратеник СДП 56, но, победник беше МОСТ со неколку пратеници кој постави седум услови за пост изборно коалициирање кои мораше да бидат прифатени од ХДЗ.

Јавноста е запозната од последната седница на Централниот комитет на НДМ кога излеговме со 7 услови за коалицирање и тоа: 1. зачувување на унитарноста и територијалниот интегритет на државата; 2. неменување на името-Република Македонија; 3. неприфаќање по никоја цена двојазичност и федерализација на земјата; 4. евроатланска интеграција, но, не по секоја цена; 5. Македонија национална држава со гарантирани права на малцинствата според меѓународното право 6. минимална казна затвор од 10 години за кражба на буџетски пари и враќање на смртната казна за тешки дела на кражба на народниот имот, 7. ревизија и одземање на украденото во криминалната, нечесната и неправедната приватизација со која се изврши грабеж на општествениот имот кој 50 години го создаваа сите работни луѓе во социјализмот.

Овие услови со кои се гарантира опстанокот и просперитетот на Македонија не биле прифатливи ниту од ВМРО-ДПМНЕ ниту од СДСМ, по што се тргнало во отстранување на НДМ од изборите по секоја цена.

Почитувани присутни,

ДИК и судиите од Управниот суд по нарачка извршија досега невиден упад во еден изборен процес со наменското отстранување на НДМ од изборите на 11 декември.

Пропаднаа сите лаги на Никола Груевски и Зоран Заев дека сакаат фер изборен натпревар на кој народот ќе одлучи на кого ќе ја даде довербата.

Како и да е, со наменското отстранување на НДМ од изборите падна митот за т.н. големи партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои се уплашија од НДМ на изборите. Во секое зло, добро!

Ви благодарам,

Медиуми:

А1 он

Плусинфо

Макфакс

Мактел

Репортер

Подгорци инфо сервис

Македонија

Пинг

Тајм

Грид

Вести

Дејли

Б2

ТВ Сител

ТВ Телма

ТВ 24Вести