Тодоров: Груевски и Заев да се вразумат, за Татковината се работи


26.11.2016 | 00:28:26 | Прес Конференции


Тодоров: Груевски и Заев да се вразумат, за Татковината се работи

Прес конференција, НДМ Ѓорги Тодоров член на Извршниот комитет на НДМ Скопје, 27 ноември 2016

Почитувани,

Поминаа 48 часа од шокантната прес конференција на владеачката ДУИ на која се заканија дека јазичната федерализација што е всушност преодна форма на територијалната федерализација е услов без кој Македонија не може понатаму.

Од друга страна, Народно движење за Македонија и народот се силно вознемирени од длабокото неединство на Никола Груевски и Зоран Заев за виталните национални интереси, во услови кога колегите од партиите на македонските Албанци најавуваат промена на Уставот и редефинирање на политичкиот систем.

За НДМ нема дилема. Повеќе немаме простор за отстапки по изборите, оти партиите на Албанците најавија рушење на унитарна Македонија.

Затоа, НДМ апелира до Груевски и Заев да го преиспитаат своето досегашно однесување заради доброто на државата и народот, а кое се сведува на меѓусебно обвинување токму за виталните национални интереси на Македонија.

НДМ бара од Груевски и Заев да се вразумат и веднаш да седнат и да ги договорат основните национални интереси како услов без кој Македонија не може понатаму.

Ја користиме приликата да ги прашаме Груевски и Заев, зарем не им е доволно поучен примерот со нивните претходници Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски кои во Татковинската војна во 2001 одеа кај олеснувачите Пердју и Леотар и само се кодошеа еден со друг, заради што, по воената 2001-ва, Македонија излезе поразена, понижена и посрамена со немерливи последици до денешно време.

Најавуваме дека НДМ ќе достави лично до Груевски и Заев Меморандум за Македонија со пет точки во кои никој нема да чепка без оглед која партија победува на избори, со кои се обезбедува опстанокот и просперитетот на државата.

НДМ и на овој начин покажува дека останува на првата линија во одбрана на националните интереси, без оглед што имаме голем револт спрема ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои смислено и наменски ги отстранија листите на НДМ од изборите со оглед на нивните интерни анкети од 9 ноември кои им покажале дека НДМ ќе освои 5 до 7 пратеници со што започнуваше процесот на рушење на двопартизмот.

Значи, без оглед на нашите политички нетрпеливости, една единствена мисла треба да биде заедничка за сите нас - љубовта кон Македонија.

Кога тоа ќе го разбереме, ги отвораме вратите за решавање на сите сегашни проблеми и отвораме простор за иднината на нашата единствена татковина Македонија.

Меморандумот за Македонија со кој преземаме една поактивна улога во овие судбоносни моменти за Татковината по изборите, ќе го доставиме до Груевски и Заев, не само како една од политичките партии во земјата, туку и како Македонци кој добро ја познаваат историјата и проблемите во земјата и кои ги преживеале болните авантури и несреќните интервенции на вонмакедонските фактори.

Ви благодарам,

Медиуми:

Мета

Пинг

Тајм

НДМ Канал јутуб