Бачев: Скандал, ДИК потврди незаконски изборни листи, изборите ништовни


04.12.2016 | 00:22:35 | Прес Конференции


Бачев: Скандал, ДИК потврди незаконски изборни листи, изборите ништовни

Прес конференција, НДМ д-р Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, 4 декември 2016

Почитувани,

Денес споделуваме со јавноста скандалозни и шокантни одлуки на ДИК за потврдување на незаконски кандидатски листи кои ги прават изборите на 11 декември ништовни.

Ќе изнесеме факти и докази за најмалку 4 случаи.

Прво, Во Листата на коалицијата ВМРО за Македонија во Изборната единица број 7 сите кандидати се машки лица. Според член 64 став 5 од Изборниот законик најмалку 40% од кандидатите мора да му припаѓаат на помалку застапениот пол, односно, најмалку еден кандидат треба да е женско лице, но, во случајот не е така.

ДИК ја потврдил оваа незаконска листа и ја пуштил да учествува на изборите.

Ова е Листата на коалицијата ВМРО за Македонија во Изборната единица број 7.

Второ, Во Листите на партијата Левица во Изборната единица 1 и 2 кандидатите по реден број 11,12 и 13 се машки лица. Според член 64 став 5 од Изборниот законик на секои три места најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот, односно женско лице, но, во случајот не било така заради што листите се неправилни.

ДИК ги потврдил овие незаконска листа и ги пуштил да учествуваат на изборите.

Ова се Листата на Левица во Изборната единица број 1 и 2.

Трето, Во заклучокот на ДИК за потврдени листи за изборите под реден број 2 е Коалицијата за промени и правда во која како подносители се наведени две партии и две здруженија. Според член 2 точка 5 во врска со член 60 од Изборниот законик подносители на листи се регистрирани политички партии или група избирачи, што значи Изборниот законик не дозволува подносител да биде здружение на граѓани.

ДИК потврдил листи од незаконски подносители кои ќе учествуваат на изборите.

Ова е Заклучокот на ДИК за потврдени листи од незаконски подносители.

Четврто, Сите листите на партиите на македонските Албанци-ДУИ, ДПА, Беса, Алијанса за Македонија и ПДП се поднесени на албански јазик без разлика во која изборна единица се поднесуваат. Според член 58 став 2 од Изборниот законик, подносителите на листите во изборните единици во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, поднесувањето на листите на кандидати може да се врши и на сопствениот јазик. Овој услов е законски само во Изборната единица број 6 меѓутоа, овие партии листите ги поднеле на албански јазик и во изборните единици 1,2,3, 4 и 5 каде се под 20%.

ДИК ги потврдил овие незаконски листи и ги дозволил во изборната трка.

Ова се Листите на албанските партии поднесени на албански јазик во сите изборни единици што е спротивно на Изборниот законик.

Почитувани присутни,

Спомнатите четири повреди се тешки повреди на Изборниот законик и ДИК според член 67 од Изборниот законик наместо да ги отфрли, ги потврдува овие неправилни листи.

НДМ во вторник ќе ги запознае дипломатските претставништва и домашните организации кои пријавија свои набљудувачи во ДИК за следење на изборите.

Едно е јасно. Во овој момент изборите се незаконски и се отвора патот за нивно поништување, а доколку сепак се одржат, тогаш зошто служат законите ако не се почитуваат!?

За крај, да потстетам, НДМ како единствена автентична опозициска партија која се залага за рушење на двопартизмот е тргната од изборите поради политичките сценарија на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ откако една од нивните интерни анкети од 9 ноември (на два дена пред рокот за поднесување на листите во ДИК) им покажале дека НДМ на овие избори ќе освои од 5 до 7 пратеници во услови кога беа познати нашите 7 услови за постизборно коалицирање кои не биле прифатливи за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ иако со нив се обезбедува опстанокот и просперитетот на народот и државата.

Листите на НДМ се составени целосно според Ибзорниот законик, но во нашиот случај се одлучуваше според логиката на политиката а не според логиката на правото.

Ви благодарам,

Медиуми:

МТВ (после 24м:5с)

А1 он

Плусинфо

МКД

Мактел

Репортер

Тајм

Дејли

Б2

Вести

Грид

НДМ Канал јутуб