Самоволието на Талат Џафери продолжува, по третпат поднесовме закон за амнестија


11.08.2017 | 22:44:00 | Прес Конференции


Самоволието на Талат Џафери продолжува, по третпат поднесовме закон за амнестија

Изјава, Народно движење за Македонија
д-р Јанко Бачев, претседател на НДМ
Скопје, 11 август 2017

Народно движење за Македонија, денес (11.08.2017, петок) во Собранието по третпат го поднесе Предлог-закон за амнестија на граѓани учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија, по скратена постапка, откако лицето Талат Џафери спротивно на Деловникот на Собранието претходно на двапати ни ги враќа материјалите и ја спречува законодавната иницијатива на НДМ.

Во изјава за медиумите претседателот на НДМ д-р Јанко Бачев истакна: - „Денеска по третпат во Собранието доставивме Иницијатива за донесување на закон за амнестија на граѓани учесници во настаните на 27 април во Собранието на Република Македонија со целосно изготвен законски текст, откако лицето Талат Џафери претходно на двапати ни ги враќа материјалите и ја спречува законодавната иницијатива на НДМ. Со ова самоволие на Талат Џафери, најгрубо се крши Уставот и Деловникот на Собранието во кои јасно е пропишано дека иницијатива за донесување на закон може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија. Сакам да ја информирам јавноста дека вистинската причина за суетата и веќе нервозната реакција на Талат Џафери зошто го прави ова е оваа фуснота која ја гледате во нашиот допис до Собранието, а во која стои дека НДМ не го признава изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието се до уставната оценка на одлуката за негов избор од страна на Уставниот суд. Меѓутоа, личната суета и нервозата на било кого не е пропишана како причина во Деловникот на Собранието за кочење на законодавните иницијативи до Собранието, како во случајот со нашата иницијатива за закон за амнестија. Денеска за првпат иницијативата ја доставуваме на запознавање и до пратеничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и притоа согласни сме во свое име да ја процесуира пратеничка група или било кој пратеник - рече Бачев.