Бачев: Продолжува разобличувањето на политичките сценарија на Управниот суд и ДИК за листите на НДМ за пратеници


19.05.2016 | 20:46:18 | Прес Конференции


Бачев: Продолжува разобличувањето на политичките сценарија на Управниот суд и ДИК за листите на НДМ за пратеници

Прес конференција, НДМ д-р Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, четврток, 19 мај 2016

Почитувани,

Државните институции продолжуваат со нечесните и перфидни игри со листите на НДМ за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.

Најпрво ДИК ги отфрли листите на НДМ со поставувањето на два дополнителни услови кои немаат правен карактер и значат кршење на Изборниот законик.

Дополнително, и Управниот суд по тужбата на НДМ одбра да суди не според законот, туку според политиката и политичките сценарија.

Имено, Управниот суд ја одби тужбата на НДМ, бидејќи не сме постапиле по известувањето на ДИК за доставување на копија од лична карта на кандидатите и доказ за секој кандидат дека не е осуден со правосилна судска одлука.

Меѓутоа, НДМ со тужбата бара судот да одлучи дека според Изборниот законик немаме обврска за поднесување копија од лична карта на кандидатите и доказ за секој кандидат дека не е осуден со правосилна судска одлука.

Исто така, во тужбата му предочуваме на судот дека според член 106 од Кривичниот законик никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност и дека обврска за прибирање на податоци за осудуваност или неосудуваност е пропишана за заинтересирани државни органи, во случајот тоа е ДИК.

Со еден збор, НДМ со тужбата бара едно, а Управниот суд пресудил за сосема друга правна ситуација, што значи кршење на законот од страна на судот.

Општо познат факт е дека судот одлучува во границите на барањата кои се поставени во тужбата.

Меѓутоа, наместо за барањата во тужбата, судот се занимавал со известувањето на ДИК што е беспредметно во овој случај.

Но, во пресудите на судот има уште еден голем пропуст:

Во смисла на член 326 од ЗПП во врска со член 8 од ЗУС, во образложението на своите пресуди судот не ги цитира законските одредби врз кој ја засновал својата одлука, и тоа од оправдани причини: никаде во Изборниот зконик не пишува дека сме во обврска за поднесување копија од лична карта на кандидатите и доказ за секој кандидат дека не е осуден со правосилна судска одлука.

Во член 64 од Изборниот законик е прецизно пропишано што треба да содржи листата за пратеници и кои прилози се доставуваат кон листата. Значи се е јасно.

Во интерес на вистината уште да спомнам дека голема лага е објавата во некои медиуми дека на листите на НДМ за пратеници десет лица не се наоѓале во Единствениот избирачки список.

Имено, точно е дека кај пет лица има грешки во еден број од ембг, и ДИК погрешно го известил Управниот суд дека овие лица ги нема во Избирачкиот список, иако ДИК знае дека проверките во списокот се прават и според име, презиме и адреса, и според овие податоци се гледа дека овие 5 лица се наоѓаат во Единствениот избирачки список, но, од ДИК го сокриле ова до судот.

Почитувани присутни,

Иако избори на 5 јуни ќе нема, расчистувањето со овие т.н изборни прашања е битно за изборите и во иднина, како и за владеење на правото.

Затоа, НДМ продолжува со правната битка за разобличување на перфидните игри со листите на НДМ за пратеници.

Денес поднесовме до Управниот суд предлог за дополнување на пресудите.

Благодарам,

Медиуми: МРТ