Изјава на Јанко Бачев и Гоце Делчев Тодев за стартувањето на „Илиденскиот коњанички марш„


26.07.2015 | 15:42:27 | Прес Конференции


Изјава на Јанко Бачев и Гоце Делчев Тодев за стартувањето на „Илиденскиот коњанички марш„

Изјава, НДМ, Здружение „Црешева Чета“, 
д-р Јанко Бачев, претседател на НДМ, Гоце Делчев Тодев, претседател на „Црешева Чета“  
с. Црешево, недела, 26 јули 2015

Претседателот на Народно движење за Македонија, проф. д-р Јанко Бачев и претседателот на Здружението „Црешева чета„, Гоце Делечев Тодев, денес, 26.07.2015 (недела) дадоа заедничка изјава за медиумите во с. Црешево во врска со стартувањето на Илинденскиот коњички марш кој ќе заврши на 2 август во Крушево, каде што треба да се приклучи на прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден.

Пред тргнувањето на коњицата се одржа свечена литургија во црквата Св. Спас во с. Црешево на која свештеници на МПЦ им дадоа благослов на коњаниците на патот кон Крушево, а се организира и свечена музичка програма во дворот на црквата Св. Спас.

Претседателот на Народно движење за Македонија, Јанко Бачев,  рече:

Народно движење за Македонија е особено почестено поради можноста заедно со Здружението „Црешева чета„ да биде организатор на манифестацијата „Илинденски коњанички марш„ која годинава започнува за првпат од с. Црешево и која во иднина ќе стане дел од славната илинденска традиција.

Честа е уште поголема и поради фактот што постоењето и опстојувањето на Народно движење за Македонија како политичка партија со национална ориентација е директен одраз на потребата од сочувување, негување и развивање на историските вредности на македонскиот народ меѓу кои се и славните илинденски традиции од 1903 година.

Ние сме убедени дека благодарение токму и на оваа нова манифестација на специфичен и оригинален начин, преку коњаничкиот марш од с. Црешево до славното Крушево, се  одржува жив споменот на славните Илинденци, храбрите Македонци, и на нивната борба за слободна и независна Македонија.

Исто така, веруваме дека секоја година ќе има сè повеќе и повеќе вакви манифестации и во други македонски села и градови, бидејќи македонските граѓани, овде во Црешево, во Крушево, и во секое друго македонско село или град, никогаш нема да ја заборават жртвата на илинденците и нема да дозволат никој да ја доведе во прашање македонската државност.

Учеството во „Илинденскиот коњанички марш“ како култен настан кој го подготвуваме и реализираме со душа и срце е предизвик, но и привилегија и чест, дотолку повеќе, учесниците ќе имаат несекојдневна прилика, доживувањето да ги потсети на она како македонските војводи оделе со своите чети по планините.

На коњаниците им посакувам среќен пат и безбедно пристигнување во Крушево.

Да ни е вечен споменот на Илинден, да ни е вечна Република Македонија!

Претседателот на Здружението „Црешева чета„ Гоце Делчев Тодев, истакна:

Годинава, промотивно, по првпат, Здружението „Црешева чета„ и партијата Народно движење за Македонија организираме илинденски коњички марш по повод одбележувањето на 112 години од Илинденското востание.

Оттука и мојата голема радост и возбуда што годинава, по првпат се случува да појдам по патот на комитите и војводите – мисија, за која верувам дека цел живот сите Македонци зборуваат и раскажуваат.

Секој го раскажува и прераскажува „Илинден„ од сопствен аспект, но, овој ќе биде забележан по две работи, прво, за првпат поаѓа коњаница од село Црешево, и второ, за првпат се спомнува и коњаницата ќе го носи легендарното и историското црешево топче кое било користено 1903-тата во Илинденското востание, а кое било изработено од материјал од црешна од атарот на село Црешево.

Инаку, ова традиција во иднина ќе стане дел од македонската традиција, и оттука, ги охрабрувам и повикувам граѓаните кои имале или имаат желба да бидат дел од една ваква манифестација на врвење по патот на македонските револуционери и патриоти, да ни се приклучат и догодина да станат дел од Црешевата чета.

Центар за комуникации со јавноста на НДМ
Скопје, 26 јули 2015