Новогодишно обраќање на претседателот Бачев: На Македонија и треба повторување на 1991-та година


31.12.2013 | 15:15:23 | Прес Конференции


Новогодишно обраќање на претседателот Бачев: На Македонија и треба повторување на 1991-та година

Новогодишно обраќање на претседателот на НДМ, д-р Јанко Бачев

Почитувани граѓани

Во годината што измина, Народно движење за Македонија како партија која се бори за одбрана на националните и државните интереси, поаѓајќи од сопствената одговорност, повторно беше исправена пред предизвикот да нуди политичка платформа за опстанок на Македонија и одбрана на достоинството на македонскиот народ и сите граѓани.

И не случајно, бидејќи борбата за опстанок и самостојност на Македонија продолжува и по периодот на стекнувањето на независноста во 1991 година.

Поразително е сознанието дека кај македонските граѓани постои речиси неподелена согласност оти залудно се потрошени дваесет и две години на цела една генерација од лошото практикување на власта во независна и демократска Македонија.

Затоа, Македонија е исправена пред предизвикот, повторно да го изоди дваесетгодишниот пат, заради што мора уште еднаш да ја повториме 1991 година.

И не случајно, бидејќи од осамостојувањето до денес се покажа дека Македонија е небезбедна земја, земја на сиромаштија, со 350.000 невработени, со над 80 илјади семејства кои примаат социјална помош, со преку 300.000 иселени млади луѓе од земјата, со разорен економски систем, со затворени и ограбени фабрики, со ограбени земјоделци, со криминална приватизација и општ грабеж на националниот имот што го создаваа 50 години сите работни луѓе во социјализмот, со прескапо и неорганизирано здравство, со скап и нефункционален образовен систем, со политички затвореници, со длабоко неединство за стратешките интереси, со поразена идеја за национална и унитарна држава.

Меѓутоа, проблемите не смееме да ги бараме на друго место, во другите националности, во меѓународниот фактор, кај соседите или којзнае каде.

Не!

Проблемите се овдешни, во нас, во системот во кој живееме, во властите што ги избиравме и во партиите што ги подржувавме во изминатите 20 години.

Заради тоа, ние во Народно движење за Македонија со целата своја одговорност, интелектуален капацитет и морален кредибилитет, секогаш ќе бидеме на првата линија во борбата за одбрана на македонските национални интереси.

Под закрила на оваа идеја покажавме како се бранат највиталните интереси затоа што:

Први инициравме ревизија на криминалната приватизација и незастарување на кривичните дела поврзани со приватизацијата;

Први инициравме данок за богатите за делумно да ги исправиме неправдите од криминалната приватизација;

Први инициравме лустрација во Македонија;

Ги расветливме злоупотребите на тајната полиција во Македонија;

Ги расветливме предавствата за време на татковинската војна во 2001 година;

До МАНУ поднесовме Меморандум за Македонската енциклопедија;

До државното обвинителство поднесовме кривична пријава за фалсификување на пописот во 2002, со кој Албанците во државата лажно беа прикажани дека се 25 отсто;

Го прикажавме срамниот прием на Македонија во Обединетите нации;

Константно ја афирмиравме политичката ориентација за членство на Македонија во НАТО и ЕУ, но врз рамноправни основи, а не по цена на промена на името;

Во Собранието поднесовме Стратегија за одбрана на уставното име;

Такви сме. И во идната 2014 година остануваме на првата линија во борбата за одбрана на националните и државните интереси.

Впрочем, не случајно, граѓаните на последните локални избори што се одржаа во март оваа година ги препознаа нашите програмски заложби.

Да потсетиме.

Народно движење за Македонија на последните локални избори настапи самостојно и оствари трет изборен резултат после коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Почитувани граѓани,

Имаме милиони причини, историски или наметнати, политички или економски, реални или ирационални, за делби и поделби. Меѓутоа, една единствена мисла треба да биде заедничка за сите нас – ЉУБОВТА КОН МАКЕДОНИЈА! Кога тоа ќе го разбереме, ги отвораме вратите за решавање на сите сегашни проблеми и отвораме простор за иднината на нашите деца, на нашите семејства, на нашата единствена татковина МАКЕДОНИЈА!

Впрочем, вие почитувани граѓани, со право се прашувате, дали е време за демонтирањето на македонскиот двопартиски систем кој опстојува две децении со истите политички актери, за разлика од сите соседни земји, каде почетните владеачки партии денеска се разбиени и заменети со нови политички субјекти.

Затоа, ве повикувам заеднички да го најдеме излезот од тунелот во кој со години се наоѓаме. Мудроста е кај Вас. Нашата улога како Народно движење за Македонија е да ги слушнеме, проучиме и да ги реализираме вашите идеи и предлози.

Ние ќе се бориме, од Вас и од Вашата волја зависи дали во тоа ќе успееме.

На крајот Ви посакувам Среќна нова 2014 година со многу желби за многу среќа и добро здравје.

За Народот, За Македонија.

31 декември, 2013