МВР да го испита полицискиот притисок врз советник од НДМ


29.12.2013 | 15:09:56 | Прес Конференции


МВР да го испита полицискиот притисок врз советник од НДМ

Прес конференција, Народно движење за Македонија д-р Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, недела, 29 декември 2013

Почитувани,

 Велат дека градоначалниците се избрани претставници кои работат во интерес на граѓаните.

Меѓутоа, во четвртокот ја известивме јавноста за физичкиот напад од Градоначалникот на Општина Чучер Сандево, Јован Пејковски, врз советникот од нашата партија, Драги Славковиќ само затоа што г-дин Славковиќ на седница на советот го прашал градоначалникот, зошто

одлуката за санкционирање на субјектите кои фрлаат смет на неовластени места не важи еднакво за сите, туку, одредени субјекти под заштита на општинските служби и понатаму непречено и неказнето фрлаат смет каде ќе посакаат и со тоа да ја загадуваат животната средина.

Значи, градоначалникот наместо со силата на аргуметните, на седницата се послужил со аргументите на силата само затоа што советникот Славковиќ го искористил своето законско право да дискутира, да предлага, да изразува сопствено мислење, да го прашува градоначалникот.

По немилиот настан, на повик на советникот Славковиќ во општинската зграда дојдоа полициски службеници и притоа е земена изјава од советникот, а изјава не беше земена од градоначалникот, кој, претходно замина откако дозна дека доаѓа полиција.

Како и да е, до тука со расчистувањето на настанот е се во ред.

Меѓутоа, почитувани присутни,

Со денешната прес конференција сакаме да ја искажеме загриженоста од тоа што, истиот ден, вечерта околу 23 часот во домот на советникот Славковиќ неповикано и неовластено доаѓаат двајца полициски службеници кои побарале од него да потпише документ без притоа да му дадат примерок од тоа што потпишува со напомена во иднина да биде мирен ако не сака да добие пријава, односно, замислете, да не го „вознемирува„ градоначалникот со прашања на седниците на Советот.

Да потсетите на одредбите од Законот за локална самоуправа кој вели: Членовите на советот ги претставуваат граѓаните и во советот одлучуваат по свое уверување. Членовите на советот имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот. Членот на советот не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење или за гласање во советот.

Отука, за НДМ, ваквото сериозно вознемирување на советникот Славковиќ и неговото семејство во ноќните часови е класична злоупотреба на овластувањата од полициските службеници кои биле во домот на советникот во насока на негово замолчување во иднина да предлага, дискутира или поставува прашања на седниците на Советот.

Затоа, бараме и истовремено веруваме дека министерството за внатрешни работи ќе го испита ваквото незаконско постапување на полициските службеници кои неповикано и неовластено во доцните ноќни часови дошле во домот на советникот Славковиќ.

Дотолку повеќе, за нас во НДМ никогаш не постоела дилемата во однос на безрезервната подршка на заложбите на министерството за внатрешни работи за изградба на вистинска полициска структура, професионална и ефикасна, доближена до европските стандарди на функционална полиција која ќе биде вистински сервис за граѓаните,

Впрочем, сведоци сме на честите повици на министерството за внатрешни работи до сите субјекти во земјата да пријавуваат случаи на пречекорување на полициските овластувања од вработените во МВР.

На крај, сакаме да порачаме дека сите советниците на НДМ од последните локални избори нема да подлегнат на никави притисоци и доследно ќе ги извршуваат доверените задачи, за што впрочем согласно Законот за локална самоуправа на конститутивните седници дадоа и потпишаа свечена изјава дека правата и должностите на член во советот ќе ги вршат совесно и дека при нивното вршење ќе ги почитуваат Уставот, законот, прописите на советот и дека ќе го штитат уставниот поредок на Република Македонија.

Ви благодарам,