Истрагата за атентатот врз Киро Глигоров прекината уште пред единаесет години!?


03.10.2010 | 01:29:24 | Прес Конференции


Истрагата за атентатот врз Киро Глигоров прекината уште пред единаесет години!?

Прес конференција, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, недела, 3 октомври 2010

Почитувани,

На денешен ден пред петнaесет години беше извршен обид за атентат врз тогашниот претседател Киро Глигоров, кога врз неговото службено возило беа активирани 20 килограми експлозив со далечинска команда, кои се наоѓале во паркиран автомобил.

Последните единаесет години од овој немил покажаа дека власта не бира средства и методи за манипулација со граѓаните и со Глигоров.

Една од подмолните лаги со која во изминатиов период се обидуваат да ја замајуваат јавноста и самиот Глигоров, е дека истрагата не е затворена и дека во МВР се работи на нејзе.

Со оваа приземна теза се служеа сите седум министри во МВР во последните 11 години и уште толку директори на македонската УДБА. 

                                                                                         

Меѓутоа, денес на многу конкретен начин, ќе и покажеме на јавноста дека кажаното од МВР во изминатите 11 години дека се работи на атентатот е едно големо ништо и трик за манипулација со граѓаните.

Ова е интерен документ-телеграма од врвот на МВР до сите организациони единици на тајната служба и криминалистичката полиција  Во овој документ јасно стои, цитирам: „Ве известуваме дека Штабот на Оперативната акција Автомобил во седиштето на МВР веќе не постои како посебна организациона целина„ – завршен цитат. Повторувам, Штабот на Оперативната акција Автомобил се укинува. Да појаснам: Оперативна акција се заведува со цел извршување на конкретни задачи во земјата и странство, кои бараат организирано и синхронизирано ангажирање на поголем број агенти на тајната полиција, со поширока примена оперативно-технички средства и методи.  Притоа, како и кај другите форми на оперативна работа на тајната полиција (оперативно истражување, оперативна комбинацкија, двојна комбинација, оперативна обработка), така и Оперативната акција има свој псевдоними, а во случајот со атентатот, оперативната акција е заведена со псевдонимот Автомбил. Значи, после атентатот е заведена ОА Автомбил, во која требало да се слеваат сите сознанија и податоци од значење за овој немил настан.

Меѓутоа, од презентираниот документ произлегува дека Штабот и ОА Автомобил не постојат 11 години, и притоа како што можете да видите  во вториот пасус од документот, агентите на тајната полиција се насочуваат за евентуално добиените сознанија да ги известуваат соодветните организациони единици.

Што значи ова според полициската практика. Најблаго кажано скандалозно, бидејќи атентатот врз Глигоров повеќе не е предмет на систематско и организирано работење на МВР.

Или со други зборови кажано, атентаторите сега можат само случајно да се откријат, бидејќи според овој документ се е оставено на случајноста – за евентуално случајно добиени сознанија да се известуваат соодветните организациони единици, бидејќи нема систематско и организирано работење во рамките на ОА Автомобил која се укинува.  Значи, останува да чекаме случајно да се открие атентаторот кој пред 15 години сакаше да ја дестабилизира државата! После овој сканадолозен документ, со кој се укинува Штабот и ОА Автомобил, суштинско прашање кое ја интересира јавноста е: Зошто Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и понатаму продолжуваат со лажење на сопствените граѓани дека се работи на откривање на атентаторот врз Глигоров, кога Штабот и ОА Автомобил се укинати уште пред 11 години? До кога ќе го лажат и Глигоров, кој веќе е во длабока старост, дека се работи на атентатот, наместо отворено да му се каже дека токму заради неработењето, истрагата никогаш не била блиска ниту до мотивите, ниту до извршителите?  На страна фактот дали се слагаме или не со политиката што своевремено ја водел Глигоров, сепак тој бил претседател на државата.  За крај, да ја споменам изјавата на еден владин функционер, кој на дебатата за атентатот во четвртокот на 30 септември во Домот на АРМ, јасно кажа, цитирам: „Кога ја читам книгата (се мисли на неговата книга за атентатот) од денешен аспект, мислам дека знам кој стои зад атентатот, но не смеам да кажам„ -завршен цитат. Почитувани присутни, Ова е крајно вознемирувачка изјава, бидејќи атентаторите сеуште слободно шетаат околу нас, иако имаме владин функционер кој знае кој стои зад атентатот, но внимавајте, не смеал да каже!  Скандалозен е фактот што поминаа три дена од дебатата, а овој владин функционер се уште не е викнат на разговор во Државното обвинителство, кое има законска обврска да реагира по таква изјава!?  Инаку, кога веќе ја споменав дебатата за атентатот од четвртокот во Домот на АРМ, да потсетам дека како еден од учесниците зборував за  аматерската истрага на МВР после атентатот, за причините зошто не треба нарачателите на атентатот да се бараат одвнатре, како и за трите верзии за атентаторите, а во тој контекст и за пошироката конспирација во која се вклучени и меѓународни линии и наши линии на поддршка со посебен осврт на верзијата со српското воено разунавање.  Но, да не се повторувам, за ова, покрај мојот осврт на дебатата на 30 септември во Домот на АРМ, имам подетално пишувано и во мојата колумна во Фокус од 28 март 2010 година, па, секој заинтересиран може да го погледне на веб страната на НДМ – www.ndm.org.mk Тука само да повторам, во контекст на верзијата со српското разузнавање, Република Македонија до ден денес го нема побарано од демократска Србија, стенограмот од средбата Глигоров - Милошевиќ на 2 август 1995 година – ден пред атентатот, за да видиме изворно што е разговарано помеѓу нив двајцата, бидејќи овој документ може да биде добра појдовна основа за некоја идна евентуална истрага за атентатот, која, за жал, е укината уште пред единаесет години!? Оттука, јавноста и Глигоров сеуште чекаат на одговорот на прашањето – Кој ги укинал Штабот и ОА Автомобил уште пред единаесет години? Ви благодарам