Воени старешини на АРМ повикувани на информативни разговори од разузнавачки структури во ГШ на АРМ


18.07.2010 | 01:25:03 | Прес Конференции


Воени старешини на АРМ повикувани на информативни разговори од разузнавачки структури во ГШ на АРМ

Прес конференција, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, недела, 18 јули 2010

Почитувани,

Повод за денешната прес конференција се скандалозните сознанија за обавување на информативни разговори со старешини во АРМ од страна на Секцијата за безбедност и разузнавање при Г – 2 Управата на Генералштабот на АРМ.

Оваа Секција месеци наназад, настојувајќи да го открие изворот од АРМ, кој наводно ги дал документите на НДМ кои беа презентирани на прес конференцијата на НДМ од 01.03.2010, а на која беше прикажано дека Стратегијата за одбрана на РМ, внимавајте добро, ќе ја спроведуваат и официри, кои по три пати добивале оценка - не задоволува!

Ова е тој список од кој се гледа дека не два пати, туку и три пати едноподруго, клучните официри кои треба да се грижат за безбедноста на РМ се оценувани со оценката – не задоволува!

Според Законот за служба во АРМ, работниот однос на воен старешина му престанува доколку при оценувањето на физичката подготвеност двапати едноподруго биде оценет со - не задоволува. Меѓутоа, наместо спроведување на законот спрема официрите кои два пати едноподруго се оценети со - не задоволува, Секцијата за безбедност и разузнавање при ГШ на АРМ месеци наназад врши малтретирање, односно, незаконски информативни разговори со армиски старешини за да го открие кртот во своите редови. Секако, скандалозен е фактот што овие информативни разговори Секцијата ги спроведува без знаење на Секторот за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана (МО), иако оваа Секција е составен дел на Секторот за безбедност и разузнавање при МО.  Работите стануваат појасни ако се знае дека Секцијата за безбедност и разузнавање е во состав на ГШ на АРМ, со кој раководи генералот Мирослав Стојановски како кадар на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, а Секторот за безбедност и разузнавање при МО е под ингеренција на министерот за одбрана, Зоран Коњановски.

НДМ остро го осудува овој опасен паралелизам внатре во армиската разузнувачка служба, бидејќи споменатата Секција за безбедност и разузнавање при ГШ на АРМ, иако е составен дел на Секторот за безбедност и разузнавање при МО, сепак на своја рака спроведува информативни разговори со армиски старешини.

Бидејќи Секторот за безбедност и разузнавање при МО е една од битните служби во системот на безбедноста на државата, тогаш се наметнуваат следните прашања за министерот за одбрана:

Дали е запознат дека во АРМ наместо да се спроведува законот спрема официрите кои два пати едноподруго се оценувани со оценка – не задоволува, истите се унапредувани со највисоки чинови, па, иако добиле негативна оценка за својот капацитет, тие треба да ја спроведуваат Стратегијата за одбрана на РМ?

Кој дозволил да се повикуваат армиски старешини на информативни разговори од страна на Секцијата за безбедност и разунавање при ГШ, дури и без знаење на Секторот за безбедност и разузнавање при МО кој е под негова министерска ингеренција?  Дали некој свесно на претседателот и врховен командант, Иванов, како и во случајот со Стратегијата за одбрана на РМ, повторно во петокот во Охрид му подметна документ со намерно вграден “дефект”, затоа што, не е ниту спроведлив, од едноставна причина што човечкиот ресурс, сите тие таму наведени значајни по ранг високи офицери кои треба да го операционализираат овој документ, во случај на загрозеност на Република Македонија, според критериумите на АРМ фактички подолго време се неспособни за извршувањето на своите функции?  Кој работи на тоа дополнително да ја компромитира изградената респектабилна позиција на Македонија кај нашите пријатели во НАТО?  Оваа малтертирање на воени старешини со нивно повикување на информативни разговори, укажува дека граѓаните наивно верувале оти македонските безбедносни служби постојат заради заштита на државата. Па, кој ќе ги следи, прислушува и малтретира, тогаш граѓаните?  Организаторитe на овие армиски дворски шпионски игри ја преминаа црвената линија со грубото кршење на законите и затоа веднаш да престанат информативните разговори со армиските старешини. НДМ како патриотска партија која се бори за одбрана на македонските национални интереси, поаѓајки од сопствената одговорност сака навремено да го предупреди врховниот командат и претседател да не дозволи ваквите сомнителени документи да преставуваат мина во неговите раце, со закаснето дејство, која би ја активирале во моментот кој самите би го одредиле оние, кои не ја прифаќаат Македонија како дефинитивен факт на независна и суверена држава!