НДМ поднесе амандман на Деловникот за работа на Собранието и Изборниот законик


25.07.2010 | 01:22:05 | Прес Конференции


НДМ поднесе амандман на Деловникот за работа на Собранието и Изборниот законик

Прес конференција, Народно движење за Македонија Драган Живковиќ, член на Извршниот комитет на НДМ Скопје, недела, 25 јули 2010

Почитувани,

Повод за денешната прес конференција се поднесените амандмани од НДМ до Собранието, кои се однесуваат на Деловникот за работа на Собранието и на Изборниот законик.

Имено, НДМ на 22.07.2010 согласно член 71 став 2 од Уставот на РМ му достави на Собранието еден амандман на Деловникот за работа на Собранието, и три амандмани на Изборниот законик.

Со амандманот на Деловникот за работа на Собранието, НДМ бара и вонпарламентарни партии да се стекнат со право да постават прашање на носителите на јавни функции, како што тоа право го имаат пратениците со поставување на пратенички прашања.

НДМ смета дека со овој амандман се обезбедува натамошна демократизација на Република Македонија и остварување на интересите на граѓаните, пред се, на оние што гласале на изборите за вонпарламентарните партии, бидејќи на секои парламентарни избори вкупниот број на гласачи што гласале за вонпарламентарните парии изнесува помеѓу 70 и 90 илјади гласачи, но, со оглед на сегашниот неправеден изборен модел со шест изборни единици, овие гласачи остануваат без претставници во Собранието.  Правото на вонпарламентарните партии да им постават прашања на носителите на јавни функции е пропишано во повеќе земји - членки на ЕУ, кон која се стреми и Република Македонија. Значи, само треба по урнекот на другите парламенти да се уреди овој демократски механизам. За реализацијата на ова право не се потребни финасиски средства од Буџетот, нема ниту технички проблеми, дотолку повеќе, согласно измените на Законот за политички партии, од преку стотината политички партии, само триесетина успеаја да се преригистрираат.   Сметаме дека овој амандман треба да биде прифатен, бидејќи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ нема зошто да се плашат и вонпарламентарните партии да им поставуваат прашања на носителите на јавни функции, се разбира, доколку овие две партии и навистина се определени да работат чесно и единствено во интерес на граѓаните. Истовремено, како што споменав, НДМ поднесе три амандмани и на Изборниот законик. 

Со првиот амандман НДМ предлага територијата на РМ да биде една изборна единица, бидејќи таквиот изборен модел е покомпатибилен со нејзините карактеристики, култура и политички околности.

Со овој амандман ќе се спречи некои партии, повеќе или помалку, да бидат изманипулирани со заобиколување на демократското начело – секој глас да има еднаква бројна вредност.  Доколку Републиката биде една изборна единица, се овозможува Собранието да стане средиште на консултации и усогласувања од поширок обем, овозможува адекватна и рационална рамнотежа на политичките партии, обезбедува поголема партиципација во одлучувањето, пообјективно обезбедување на еднаквоста на правата на граѓаните, правичност и еднакво вреднување на секој глас во изборниот процес, со што се овозможува најоптимално совпаѓање на процентот на освоени гласови со добиените пратенички мандати.  Дотолку повеќе, како што споменав, помеѓу 70 и 90 илјади гласачи после секои парламентарни избори остануваат без свои репрезенти во Собранието, токму поради сегашниот модел со шест изборни единици.  Со вториот амандман бараме да се надмине дикриминацијата по основ на политичкото уверување и политичката припадност меѓу претставниците на овластените предлагачи во изборните органи. Имено, недозволиво е само претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во избирачките одбори, на денот на изборите да добиваат надоместок од Буџетот во сите одржани избори досега, а останатите да бидат на финансиски товар на самите партии како учесници во изборниот процес. Познато е дека на денот на одржувањето на изборите, од започнувањето на изборите во 7 часот наутро, па, се до затворањето на гласачките кутии во 19 часот навечер, на избирачките места се присутни претставници на сите политички партии како овластени предлагачи. Затоа, претставниците на сите политички партии учесници на  избирачките смета треба да добиваат надоместок од Буџетот, а не само претставниците на владеачката и на најголемата опозициска партија. Третиот амандман го предлагаме со цел членовите на Државната изборна комисија по престанок на функцијата да се вратат на претходното работно место, и истовремено да не можат да бидат именувани или избрани за носители на јавни функции за период од 4 години по престанокот на функцијата во ДИК, заради потребата стручно и совесно да си ја извршат доверената задача како членови на ДИК. Со предложеното решение се елиминира можноста за нивна постизборна награда со јавна функција за “добро завршена работа” во изборниот процес за одредена личност или политичка партија, а кое нешто стана речиси непишано правило по завршување на изборите. Во оваа насока, несомнено се намалува опасноста од нивна партиска поврзаност, која е највидлива токму по изборите, кога за “успешната работа” во изборниот процес, дополнително членови на ДИК се наградуваат со јавни функции.  НДМ смета дека амандманите на Изборниот законик треба да бидат прифатени од пратениците, бидејќи се во контекст на проценките на домашната и меѓународната јавност дека изборните циклуси во Република Македонија се клучни за капацитетот и определбата на државата да спроведува избори според демократски стандарди. Дотолку повеќе што, Министерството за правда достави барање до НДМ под број 11-4275/3 со кое побара мислење, односно, НДМ да се произнесе во претходната фаза, а пред подготвувањето на измените и дополнувањата на Изборниот законик.