Да се укинат скандалозните и ненародни функционерски привилегии


23.12.2012 | 01:16:29 | Прес Конференции


Да се укинат скандалозните и ненародни функционерски привилегии

Прес конференција, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје,недела, 23 декември 2012

Почитувани,

Велат дека пратениците се избрани претставници кои работат во интерес на граѓаните.

Меѓутоа, со денешната прес конференција сакаме да ја запознаеме јавноста дека македонските пратеници работат многу повеќе за сопствениот интерес.

Тоа ќе го илустрираме со најмалку три примери:

Прво, пратениците и по престанувањето на 4-годишниот мандат земаат плата уште цели 12 месеци, иако повеќе не се пратеници и ништо не работат. Исто така, и останатите функционери, откако ќе им истече мандатот, или, доколку бидат разрешени, имаат право уште 12 месеци да добиваат плата без ништо да работат. Носител на ова право е една мала функционерска армија од околу 2.000 луѓе во државата.

Затоа, НДМ предлага т.н. апанажа да се намали од 12  на 3 месеци, бидејќи, апанажа од 1 година за македонски услови претставува голем и непотребен терет за буџетот.

Со намалување на апанажата се надминува и една крајно апсурдна ситуација, како на пример, случајот кога еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ како нареден од листата на оваа партија, дојде на местото на еден починат пратеник на 11 април 2008 година. Но, истиот ден парламентот се распушти и беа распишани предвремени парламентарни избори кои се одржаа на 1 јуни 2008 година.

Значи, внимавајте добор, со учество на само една собраниска седница, односно, со само еден ден пратенички мандат, овој пратеник се стекна со апанажа од 12 месеци и човекот ни крив ни должен си заработи 14 илјади евра без ништо да работи 12 месеци.

Иронијата да биде поголема, апанажа од 12 месеци добиваат и функционери што биле разрешени поради нестручно и несовесно работење, а дури, и функционери осудени со правосилна пресуда, што е високо неморален чин.

За споредба, во Англија апанажата изнесува само 3 месеци.

Второ, да се укине надоместокот на трошоци за користење на приватни автомобили, а пратениците и другите функционери да користат градски и меѓуградски превоз. Наместо да вршат злоупотреби на надоместокот на трошоци за користење на приватните автомобили со поднесување на фиктивни сметки  во собраниските служби, пратениците и другите функционери да користат автобуски превоз до работното место.

На тој начин се спречува пратеници годишно да добиваат и по 18.000 евра надоместок на трошоци за користење автомобил во лична сопственост, како што имавме такви случаи во Собранието.

Трето, Владата да го намали возниот парк од околу десетина илјади службени возила што ги користи јавната и државната администрација. Неоправдано е службеници од разноразни подрачни служби, при нивното секојдневното службено доаѓање во централните органи да користат службени автомобили, иако Македонија како мала земја добро е поврзана со градски и меѓуградски автобуски или железничики превоз.

За споредба, една богата Данска има само 18 службени возила.

На пример, новоизбраниот англиски премиер, Дејвид Камерон, своевремено уште на првата владина седница го укина правото на користење на службени автомобили за владините министри, кои на работа сега одат со велосипеди или користат јавен превоз.

Ваков превоз можат да користат и македонските функционери со што добиваат привилегија изворно да се запознаат што значат секојдневните блокади на скопските улици од разните незадоволни социјални групи.

 Сакам да ја потсетам јавноста дека НДМ уште на 25.08.2009 под ев.број 3699/1 поднесе до собранието Предлог - Закон за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, со кој побаравме намалување на апанажата и укинување на надоместокот на трошоци за користење на автомобил во лична сопственост

Ова е предлог законот поднесен до Собранието.

Истовремено, НДМ поднесе и Предлог - Одлука до владата за отуѓување на подвижен имот сопственост на Р. Македонија, со која побара Владата да се ослободи од големиот број службени автомобили.

Ова е предлог - одлуката поднесена до Владата.

За волја на вистината собранискиот спикер Трајко Вељаноски само два дена по поднесувањето на нашиот предлог закон, односно на 27.08.2009 повратно не извести дека нашиот предлог веднаш им е поделен на пратениците, но, за жал нешто се случи во меѓувреме, и предлог законот остана закочен во собраниските фиоки.

Ова е повратното известување од собранискиот претседател.

 Почитувани присутни

Народните избраници имаат морална обврска да скратат дел од своите привилегии.

Скандалозните функционерски привилегии чинат повеќе од 10 милиони евра народни пари со кои можат да се решат проблемите на т.н. ранливи социјални групи.

Ја разбираме потребата на пратениците од жестоката расправија во законодавниот дом по повод усвојувањето на најновиот буџет за 2013 година.

Меѓутоа, за НДМ е несфатливо како може функционерските привилегии да останат нечепнати со претстојниот буџет, иако живееме во време на светска економска криза.

Затоа, НДМ се надева дека ќе проработи совеста на пратениците со тоа што ќе ги прифатат нашите предлози за овие антинародни привилегии со кои се спречува бесмилосното трошење на народните пари и непотребното луксузирање врз грбот на даночните обврзници.

Ви благодарам,