СДСМ на последните избори настапи со непостоечки партии


10.05.2011 | 01:13:50 | Прес Конференции


СДСМ на последните избори настапи со непостоечки партии

Прес конференција, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, вторник, 10 мај 2011

Почитувани,

Од моментот на распишувањето на претстојните избори, речиси секојдневно слушаме обвинувања од СДСМ за изборен фалсификат.

Ваквите обвинувања доаѓаат и од неколку помали т.н. десничарски партии за кои веќе сите знаеме дека се под директна контрола на СДСМ.

НДМ како партија која се бори за одбрана на македонските национални интереси и достоинството на македонските граѓани не може да стои настрана од ваквите вулгарни клевети за наводен изборен фалсификат.

Ова од причина што, со лажните обвинувања се нарушува и достоинството на НДМ како дел од коалицијата „За подобра Македонија„.

Обвинувањата од СДСМ се крајно несериозни и смешни, бидејќи за каков изборен фалсификат зборуваат кога токму СДСМ изврши фалсификат на последните парламентарни избори во 2008 и локалните и претседателски избори во 2009 година.

Почитувани присутни,

Еве како СДСМ ја изврши срамната фалсификувана изборна операција – „Добивање пратеници и советници со фантомски политички партии на парламентарните избори во 2008 и на локалните избори во 2009 година.

Имено, познато е дека на тие избори тогашната коалиција на СДСМ со назив СОНЦЕ ја сочинуваа седум политички партии.

Меѓутоа, од седумте партии во коалицијата „СОНЦЕ„ дури три, или речиси половината беа нерегистрирани и не можеа да одат на избори.

Во Изборниот законик е определено дека на избори можат да земат учество само регистрирани политички партии.

Повторувам, само регистрирани политички партии.

Во месец март 2008, значи пред парламентарните избори во јуни 2008 година, надлежниот регистарски суд до партиите испрати известување да се пререгистрираат со заверени изјави на нотар  на 1000 основачи.

Ова е тоа известување од судот до партиите.

Во законскиот рок од 90 дена, од стотината политички партии успеаја да се пререгистрираат само 34 партии.

По завршувањето на законскиот рок за пререгистрација, надлежниот регистарски суд, пред парламентарните избори во 2008 година испрати известување до министерот за правда со кое го информира кои партии се пререгистрирани и можат да учествуваат на изборите.

Ова е тој список од судот до министерот за правда од кој јасно се гледа дека се пререгистрирани вкупно 34 политички партии.

Партиите кои се пререгистрираа, повратно од судот добиваат потврда дека се пререгистрирани со 1.000 основачи.

На пример, еве ја потврдата која ние во НДМ ја добивме од судот за да можеме да учествуваме на последните избори во 2008, во која како што се гледа нашата партијата е пререгистрирана со 1.000 основачи.

Сега доаѓаме до главното прашање. На овој список нема дури три политички партии од седумчленета коалиција на СДСМ, „СОНЦЕ„.

Ги нема следните партии од „СОНЦЕ„: Партијата на пензионерите, Зелената патија на Македонија и Демократскиот Сојуз на Власите.

Меѓутоа, овие партии, иако се нерегистрирани, Бранко Црвенковски преку своите инсталации во македонското судство успева да им обезбеди лажна судска потврда дека наводно се пререгистрирани и ги става на изборната листа на коалицијата „СОНЦЕ„.

Да повторам, во Изборниот законик јасно стои дека на избори може да учествуават само регистрирани политички партии.

Оттука, коалицијата „СОНЦЕ„ на СДСМ на парламентарните избори во 2008 и на локалните во 2009 учествувала со нерегистрирани партии.

Се работи за кривично дело кои не смее да помине неказнето.

Апелираме до сите советници на СДСМ од локалните избори во 2009 година, веднаш да си поднесат оставка, бидејќи од овие документи јасно се гледа дека се избрани од коалиција со непостоечки партии.

Истовремено, ги повикуваме 18-те пратеници на СДСМ од изборите во 2008 година, да ги вратат платите што ги добиваа од граѓаните како даночни обврзници, бидејќи непримерно, неморално и недозволиво е да бидат избрани од изборна листа со фалсификувани партии.

Ги повикуваме институциите на системот да испитаат како Бранко Црвенковски успеал преку своите инсталации во судот да обезбеди судска потврда за дури три нерегистрирани партии од коалицијата „СОНЦЕ„ и да подметне листа до ДИК со нерегистрирани партии.

Дотолку повеќе, денеска не остануваме само на збор, туку за изборниот фалсификат на СДСМ од 2008 и 2009 година презентираме документи.

На крај, не е ли лицемерно СДСМ да зборува дека ќе ја засили правната држава ако дојде на власт, кога се директно фатени како правеле фалсификат на последните избори во 2008 година.

Ви благодарам,