Европратениците Јорго Шацимаркакис и Јелко Кацин да се прогласат за persona non grata во Република Македонија


25.09.2011 | 01:10:28 | Прес Конференции


Европратениците Јорго Шацимаркакис и Јелко Кацин да се прогласат за persona non grata во Република Македонија

Прес конференција, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, петок, 25 септември 2011

Почитувани,

Поминаа пет дена од шокантното сознание дека пратениците во Европскиот парламент Јорго Шацимаркакис и Јелко Кацин по кој знае кој пат, и понатаму  продолжуваат со своите груби, во основа антимакедонски провокации. 

Се потврди дека со наменската панел-дискусија во Брисел за состојбите во македонското новинарство организирана токму од Шацимаркакис и Кацин, тие уште еднаш се обидоа да ја оцрнат Македонија во пресрет на новиот извештај на Европската комисија за Македонија.

Оттука, за нас во НДМ нема дилема.  Недозволиво е Шацимаркакис и Кацин од една вообичаена партиска панел-дискусија да испраќаат отворена закана спрема Македонија, притоа претставувајќи ја во очите на демократските држави како незрела демократија.

Затоа, НДМ иницира постапка против Јорго Шацимаркакис и Јелко Кацин за нивно прогласување за persona non grata, односно за непожелни личности во Република Македонија.

Свесни сме за фактот дека Шацимаркакис и Кацин како европратеници уживаат имунитет според Протоколот за привилегиите и имунитетите на ЕУ.

Меѓутоа, овој Протокол е интерен акт на Европската Унија.

Неспорно е дека согласно меѓународното право, Македонија има меѓународно-признато право да прогласи одредена личност за непожелна, дури, без да дава образложение за тоа, поради заштита на своите национални интереси.

А токму Шацимаркакис и Кацин после панел-дискусијата во Брисел на нивните либерално-демократски партии, пројавија отворено мешање во внатрешните работи на Република Македонија со јасна закана дека т.н. новинарски инцидент на панел-дискусијата ќе доведе до сериозни последици за Македонија во пресрет на новиот извештај на Европската комисија за Македонија.

И ова би било се во ред, доколку Шацимаркакис и Кацин смислено пропуштаат од вид дека една нивна вообичаена партиска панел-дискусија во никој случај не може да биде мерило за Извештајот на Европската комисија за Македонија.

Впрочем, произлегува дека живеењето на словенецот Кацин во поранешната СФРЈ оставило последици, бидејќи очигледно е дека мозокот на Јелко Кацин застанал некаде во 1948-та кога поранешната југословенска УДБА со двајца наменски сведоци ги решаваше работите, па така, во тој стил, Кацин заедно со Шацимаркакис ќе глумат двајца сведоци во обидот да ја оцрнат Македонија во пресрет на новиот извештај на Европската комисија за Македонија.

Затоа, НДМ смета дека во постоечките околности, нашата иницијатива против двајцата европарламентарци е најдобар можен начин за заштита на македонските национални интереси.

Оттука, доколку Јорго Шацимаркакис и Јелко Кацин во иднина стапнат на македонско тло, веднаш мора да бидат исфрлени како непожелни личности.

Истовремено, НДМ ги повикува Борјан Јовановски, Слободанка Јовановска, Маргарита Цаца-Николовска и Биљана Секуловска  ведаш да се вратат во Татковината, и наместо во Брисел, тука во сопствената држава да ја водат својата борба доколку не се задоволни од актуелната власт.

Недозволиво е да шетаат во Брисел и таму да ја оцрнуваат својата држава.

Истите треба да знаат дека со своите активности кај странските ментори само придонесуваат за уривање на сопствената држава, а простата вистина вели дека без оглед на нивниот личен просперитет и бенефициите што ги добиваат од своите странски ментори, доколку државата Македонија ја уриваат сите на крајот како Македонци ќе не затрупа.

Затоа, НДМ апелира до нив во Македонија да ја водат својата борба, бидејќи кога просперира Македонија тоа е повеќе од корист за сите нас како поединци, отколку кога тие просперираат  секој за себе.

Прашањето како ќе се владее со Македонија се решава во Македонија, а не во Брисел, па затоа, Борјан Јовановски, Слободанка Јовановска, Маргарита Цаца-Николовска и Биљана Секуловска нека формираат во Македонија невладини организации, граѓански здруженија, нека пишуваат колумни или нека формираат политички партии и слично, па така, со сите расположиви демократски механизми да ја водат борбата за смена на власта доколку не се задоволни од неa, а не да ја оцрнуват својата држава кај европските бирократи.

Ви благодарам,